Солзавец и искинати дела – хулигани упаднале на изложба на стрипови во Белград

Група од 15 млади луѓе во црни јакни и качулки упаднале на вчерашната изложба во склоп на фестивалот „Ново доба“ во Белград. Напаѓачите фрлиле солзавец и ги искинале претставените уметнички дела. Како што пренесува „Нова.рс“, еден од учесниците на изложбата Марко Сомборац, претходно пријавил закани по живот во полицијата, но и покрај тоа дошло до напади.

Споделувањето на дел од делата полни со црн хумор предизвикало лавина од негативни коментари на социјалните мрежи, кои ги обвинувале авторите за сатанизам. Авторот на делата добил закани по неговиот живот, токму пред да се случи и нападот на изложбата која се одржувала во „Стара капетанија“.

Како што истакнал Марко Сомборац, во моментот на нападот, на изложбата биле присутни дежурната уметница и еден човек од обезбедување.

„Не и се заканувале. Само упаднале, фрлиле солзавец, ги искинале делата и почнале да бегаат. Таа тргнала по нив и пробувала да им објасни повеќе за тоа што е уметност“, изјавил познатиот стрип-уметник.

Сомборац додал дека нападот се случил и покрај тоа што веќе во 19 часот неколку уметници кои биле дел од изложбата пријавиле дека добиле смртни закани.

„Полицијата се наоѓа на една минута од местото каде што се одржуваше изложбата. Кај луѓето очигледно постои несфаќање што е тоа црн хумор. Никој од нив не пријавува доколку комшијата ја тепа жена си. И покрај овој инцидент, ние имаме закажано уште две изложби“, истакнал Сомборац.

На социјалните мрежи поголемо внимание добил цртежот „Kenjkavac/Кенкавец“ што претставува слика од раскрварено новороденче погодено со секира, придружено со зборовите „Бебето кое многу плаче, па добива секира во глава“. По објавувањето на сликата започнале да се шират негативните коментари дека станува збор за болен хумор, сатанизам и радикализам.

Кустосот на изложбата Ивана Џорџевиќ, истакнала дека зад изложбата не стојат масони, балии или усташи, туку дека станува збор за дела кои брутално ја прикажуваат бруатлноста во времето во кое се создадени, односно деведесетите години на минатиот век. Таа навела дека истите цртежи биле изложени пред 24 години и тогаш немало реакции за дела кои стилистички припаѓаат на андерграундот.

Извор: Nova.rs