Солзавец и гумени куршуми кон граѓаните на Првомајските протести во Истанбул

Повеќе од 200 граѓани се приведени од турската полиција на плоштадот Таксим, по судирот со демонстрантите кои биле собрани по повод Меѓународниот ден на трудот – први мај.

Ројтерс јавува дека полициските сили употребиле солзавец и гумени куршуми за да ја растурат групата која извикувала „Таксим е наш и ќе остане наш“, откако претходно властите забраниле собири на централниот плоштад во Истанбул, каде традиционално се одржувале маршевите во минатото.

Полициското присуство низ градот било многу силно, со хеликоптери кои го надлетувале небото. Тензиите се особено зголемени откако претседателот Реџеп Таип Ердоган успеа да добие поголеми овластувања на референдумот одржан минатиот месец.

Плоштадот е познат како централна точка на демонстрациите против Ердоган во 2013-та година.

Изминатиов викенд, скоро 4.000 луѓе добиле откази од јавната администрација и воените служби, додека властите го блокираа пристапот во земјата до онлајн енциклопедијата Википедија, според закон кој им дозволува забрана за пристап до интернет страни кои имаат вулгарна содржина или се закана за националната сигурност.

Сцени од денешните судири во Истанбул ФОТО: Ројтерс

Ердоган овие мерки ги посочил како неопходни, поради безбедносните закани со кои е соочена Турција.