Со документарниот филм „Прашај ја Е. Џин“ на Ајви Миропол, кој ја раскажува приказната за новинарката Џин Керол, вечерва започнува 28. издание на Фестивалот на документарни филмови во Солун.
Џин Керол стана единствената жена што двапати го победи Доналд Трамп на суд, тужeјќи го за сексуален напад и клевета. Годинешното издание на фестивалот е посветено на темите моќ, одговорност и личната цена на вистината, а главната тема е „Сеќавањето на целиот свет“.
Фестивалот ќе прикаже 252 долгометражни и кратки документарци, со рекордни 80 светски премиери. Особено внимание ќе се посвети на дебитантските филмови и иновативните проекти, вклучувајќи и интерактивната инсталација „Срцебиење“ од француската уметница Фани Фортаж.
Познатата актерка Жилиет Бинош годинава доаѓа како режисерка со документарецот „Во движење“, за соработката со британскиот танчер и кореограф Акрам Кан. Таа е и претседателка на Европската филмска академија.
Фестивалот ќе заврши на 15 март со „Господин Никој против Путин“ на Дејвид Боренштајн и Павел Таланкин, номиниран за Оскар за најдобар документарец. По традиција ќе се одржи и оскаровска вечер со директен пренос и целоноќна забава.
Во рамките на фестивалот ќе биде промовирана и платформата „Филмографија“, дигитална база на податоци за грчката кинематографија, достапна од крајот на април.



