„Солун, град на духови“ ќе се игра на Споменикот на слободата во Кочани

Претставата „Солун, град на духови“ во режија на Слободан Унковски, по текст на Русомир Богдановски, а инспириран од истоимената книга на Марк Мазовер, ќе игра вечерва на Споменикот на слободата во Кочани.

Таа претставува хроника на животот и случувањата во текот на пет века, во најзначајниот град на Македонија. Опфаќа период од турското освојување на Солун во 1430 година, па се до депортацијата и холокаустот на 45.000 солунски евреи во логорот Аушвиц. Русомир Богдановски инспириран од оваа историска хроника развива документарно играна драма возбудлива по настаните, судбините на луѓето и течењето на времето.

Актери во претставата се Симона Димковска, Ивана Павлаковиќ, Наталија Теодосиева, Стефан Вујисиќ, Мартин Манев, Горан Ников и Владимир Петровиќ. Mузиката е на Златко Ориѓански.

Почетокот е најавен во 20 часот, а влезот е слободен.

Споменикот на слободата, подигнат 1981-ва година, претставува монументално дело на уметникот Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ. Во неговата структура, потполно отворена кон природата и социусот, обликувани се сцена и театрон со очигледен потенцијал. Тој е замислен да функционира како простор на интеракција, живот и соживот со оние кои го населуваат.

Со желба одново да се отворат постоечките и да се откријат нови перспективи кон можностите кои ги нуди споменикот за граѓаните на Кочани, но и секој друг кој го чувствува или би го почуствувал како свој, изведбата на претставата „Солун- Град на Духови“ на ова место претставува еден решителен чекор кон остварувањето на намерата за одново освојување и населување на овој простор на слободата и негоа долгорочна ревитализација.