Солидарност за слобода – концерт на „The Reporters“

Во четврток во ресторанот на МКЦ во Скопје, со почеток во 21.30 новинарскиот бенд „The Reporters“ ќе одржи завршен концерт на турнејата низ Македонија „Солидарност за слобода“ за јакнење и промоција на Солидарниот фонд за новинари.

Солидарност за слобода - концерт на „The Reporters“

На настанот ќе се собираат финансиски средства за новинарите кои се во неволја.

– Денес, кога новинарското достоинство е погазено, кога новинарите се затвораат, добиваат физички закани, а оние што работат во независните медиуми се казнуваат со високи казни за пренесено мислење новинарската солидарност е неопходна. Знаејќи го ова, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, новинарскиот бенд Д’ Репортерс, Здружението на новинари на Македонија, со поддршка на Американската амбасада, ја покрена акцијата „Солидарност за слобода“, се вели во соопштението на новинарскиот синдикат.

Преку оваа акција веќе е формиран Солидарен фонд за итни случаи и за финансиска помош на новинарите на кои таа им е потребна. Одржани се неколку солидарни вечери, а настанот во МКЦ е дел од акцијата за собирање средства за нашите колеги.

Концертот ќе се одржи како придружен настан на VII Медија Форум на Југоисточна Европа на кој учествуваат повеќе од стотина новинари, уредници, политички и дипломатски претставници од цела Европа.

Здружението на новинари на Македонија исто така ги повика сите новинари и граѓани на Република Македонија да се солидаризираат со новинарите од неделникот „Фокус“ – Јадранка Костова и Владо Апостолов, кои врз основа на пресудата на Апелациониот суд од спорот против директорот на УБК Сашо Мијалков, треба да исплатат 9.000 евра во име на нематеријална штета за клевета и судски трошоци.

ЗНМ смета дека пресудата е неправедна и е директно насочена против критичното новинарство, која е суштинска потреба за функционирањето на македонската демократија.

– Колегите не се во можност да го исплатат надоместокот, затоа ЗНМ упатува повик за мобилизирање и солидаризирање на членството, новинарската заедница и јавноста во Македонија. Сметаме дека нашата поддршка ќе придонесе да опстои слободната мисла и критика кон начинот на практицирање на власта во РМ. Освен тоа, сметаме дека поддршката на новинарите и јавноста ќе биде директен придонес во зачувувањето на слободата и на изразувањето во Македонија, се вели во повикот.

Од ЗНМ ги повикаа граѓаните во рамките на нивните можности да уплатат средства на следната жиро-сметка:

ЗНМ Солидарен Фонд: 300000003296484
Комерцијална банка
Цел на дознака: Донација за новинарите на Фокус
Оние кои сакаат да донираат преку електронско банкарство во делот кој се однесува на повикување на број потребно е да стават било кој број, пример „1“.

Повик за солидарност со новинарите на Фокус пристигна и од Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата, која исто така организира настан за собирање на финансиски средства. Настанот ќе се одржи вечерва во барот Дамар во Старата Скопска Чаршија со почеток од 21 часот.