„Солидарност“ утре ќе промовира студија за здравството

Левичарското движење „Солидарност“ во сабота (14 ноември) ќе ја промовира студијата „Здравјето како право и како услуга: Правата на пациентите во македонската легислатива 1991-2014“ , во своите простории во Скопје, на ул. „Орце Николов“ 166.

„Студијата ги анализира реформите во здравствениот систем, првенствено оние преку измени на законите, кои од 1991 година до денес им имаат скратено многу права на пациентите. Таа укажува на нагласеноста на правниот аспект во водењето на здравствената политика во Република Македонија, што најчесто е на сметка на социополитичкиот аспект, кој е далеку поважен и ја содржи хуманата компонента“, појаснуваат од Солидарност.

Оттаму додаваат дека случувањата во здравството не смеат да се игнорираат, како и дека функционален и праведен здравствен систем е исклучително важен дел на социјалната држава, кој мора да овозможи правото на живот да не биде сведено на привилегија на неколкумина.

Студијата ќе биде претставена од авторите Дамјан Божиноски и Кирил Бисероски, а бесплатни примероци ќе бидат достапни на денот на промоцијата за сите заинтересирани.