Солидарност: Улицата е сечија, граѓаните се единствени и свои

Ативистите на ЛД „Солидарност“ денеска излегуваат на протест пред Судот и Владата и бараат итно ослободување на политичките затвореници. Тие ги потсетуваат сите политички елити дека граѓаните се носители на суверенитетот и легитимитетот, и никој никогаш веќе не ќе може да си поигрува со тоа.

Нивниот став го пренесуваме во целост:

„Ние, активистките и активистите на ЛД Солидарност, на 17 мај во 13 часот ќе протестираме пред Основниот Суд кој соучествува во кршењето на човековите слободи и права на голем број граѓани, вклучително и на нашите соборци студенти. Бараме итно ослободување на политичките затвореници на режимот кои се затворени заради нивната и наша борба против угнетувањето. Оттаму се упатуваме, заедно со активистите од #Протестирам и Студентскиот Пленум кон Владата, каде што ќе протестираме во 13.55.

Револтот на граѓаните на Република Македонија кои девет години се заложници на самоволието на отчовечениот режим се истури на улиците на 5 мај и прерасна во бунт, кој продолжува до конечен пад на режимот. Самоорганизираниот отпор #секојденвошест е плод на години континуиран активизам. За само десет дена протестот се омасови и прерасна во движење на отпор кон насилството, притисокот и стравот. #Протестирам се разви во отворено граѓанско делување кое овозможува искажување, сослушување и дискусија, за разлика од делувањето на политичките елити зад затворени врати.

Моќната пропаганда под команда на режимската врхушка повеќе никого не може да излаже и исплаши. Граѓаните секојдневно си ја бараат државата и институциите назад, бидејќи тие ним им припаѓаат. Користењето на моќта повеќе не е извор на очај туку е само импотентна и панична реакција на системот.

Борбата против режимот ја водат сите граѓани. Голем дел од нив се свесни за злоупотребите направени од сите политички гарнитури, не само во последните девет, туку во сите 25 години независна држава. И покрај тоа, тие во голем дел ќе одговорат на повикот на најголемата опозициска партија, токму заради борбата за конечно раскинување на прангите на угнетувањето.

ЛД Солидарност посочува дека вистинска промена е можна единствено ако сензационализмот, пропагандната политика на спектакл и калкулантството на политичките елити ги замениме со отворени, демократски форми на организација и вистински политики кои ќе ѝ дадат примат на социјалната димензија и на благосостојбата на народот. ЛД Солидарност ќе истрае во заложбата за креирање на граѓанска политика, на политика која извира од граѓаните и граѓанките, и работи во нивна корист.

Улицата е сечија, граѓаните се единствени и свои. Немајте дилеми – ние граѓаните будно следиме сè и се самоорганизираме. ЛД Солидарност постои за да ги потсетува сите политички елити дека граѓаните се носители на суверенитетот и легитимитетот, и никој никогаш веќе не ќе може да си поигрува со тоа!

Граѓаните обединети во сета своја етничка, религиозна различност и непартиска припадност ќе ја добијат битката за слободата.

Ќе победиме!“, порачуваат од „Солидарност.“