„Солидарност“ реагира поради антиработничките одредби за штрајк во образованието

Левичарското движење „Солидарност“ го осуди носењето на последните, експресно изгласани измени на законите што се однесуваат на правото на штрајк во образованието. Ова за „Солидарност “ е доказ дека владата работи против работниците на Македонија, а на овој начин, како што велат, сака само да си обезбеди привид на законито работење.

„Солидарност“

„Не е правна онаа држава во која власта наменски ги менува законите во своја корист! И не е социјална онаа држава во која власта нема слух за социјалните проблеми на работниците!

Правото на штрајк, кое е гарантирано со Уставот на Република Македонија, и пред овие измени беше премногу рестриктивно регулирано. Толку рестриктивно што се наметнува дилемата: дали намерата е преку законските одредби да се обезбеди остварувањето на ова уставно гарантирано право или да се ограничи што е можно повеќе ова клучно работничко право? Поради исклучително неповолните одредби што се однесуваат на правото на штрајк, потписниците на Синдикалната повелба, меѓу кои е и Левичарското движење „Солидарност“, на Првомајскиот протест оваа година побараа: ослободување на правото на штрајк од законските стеги!“, се наведува во соопштението на левичарското движење.

Оттаму ги повикаа работниците од образованието кои се моментално невработени да не служат како монета за поткусурување на Владата против легитимните барања на Синдикатот за образование.

„Штрајкбрехерството е појава која е за секаква морална осуда. Не дозволувајте за беден надомест за само два, три, пет дена да бидете алатката преку која Владата ќе ги порази вашите класни другари!“, додаваат од „Солидарност“.

Во вторникот, на само дваесетина дена од најавениот штрајк во образование, Собранието по скратена постапка ја усвои измената на законите за основно и средно образование. Меѓу усвоените измени се најде и спорната одредба со која во случаите кога наставниците и професорите штрајкуваат, тие ќе треба да бидат заменети со други привремено вработени наставници за да не се прекинува наставата.