„Солидарност“ бара враќање на бесплатните сини картони за сите невработени лица

Левичарското движење „Солидарност“ упати реакција по повод кривичните пријави поднесени од Фондот за здравствено осигурување за оние лица кои оставиле неточни податоци за своите приходи, а со тоа и незаконски примале сини картони. Од движењето бараат враќање на правото на бесплатни сини картони за сите невработени лица.

„Солидарност“

– Власта сè поексплицитно го покажува својот антисоцијален карактер! Донесува закони со кои ги ограничува правата на сиромашните и непривилегираните и потоа, применувајќи ги таквите закони, ја покажува на дело целата нечовечност на ваквото извитоперено сфаќање на правната држава. Само пред десетина дена таа ги промени законските одредби што се однесуваат на правото на штрајк во образованието во обид да ги спречи вработените во образованието да се изборат за своите права! Сега, нејзиниот Фонд за здравствено осигурување бара примена на законски одредби на штета на невработените лица!

Ако некоја законска одредба ја прекршиле 15.000 лица, тогаш проблемот не може да биде кај граѓаните, туку во законот! Во 2011 година власта направи упад во социјалниот карактер на државата, прокламиран со Уставот на оваа земја, и го укина правото на бесплатни сини картони за сите невработени лица. Со оваа мерка, власта сакаше, на грбот на невработените лица, да ја „санира“ дупката што ја создаде во Фондот за здравствено осигурување поради намалувањето на придонесите од плата за здравствено осигурување и недомаќинското работење на Фондот. За овозможувањето на газдите дополнително да се збогатуваат и за лагодно располагање со народните пари од страна на Фондот, со цехот беа нагрбавени невработените лица! При тоа, воведен беше ригорозниот критериум сите невработени лица што имаат не лични, туку семејни примања над 8.050 денари месечно да доплаќаат ако сакаат да имаат сини картони. Нагласуваме: не за да добиваат бесплатна здравствена заштита, туку сини картони, одредено олеснување на плаќањето на здравствените услуги.

Левичарското движење „Солидарност“ бара не само Фондот за здравствено осигурување да ги повлече кривичните пријави против невработените лица. Левичарското движење „Солидарност“ бара враќање на правото на бесплатни сини картони за сите невработени лица. На тој начин, ќе се спречи дополнителното осиромашување на невработените лица и ќе се спречи Фондот за здравствено осигурување да малтретира социјално загрозени граѓани! На Македонија не и’ треба воведување привилегии за странци преку формирање на т.н. слободни здравствени зони. На Македонија и’ треба грижа за здравјето на нејзините граѓани!, се наведува во соопштението на „Солидарност“.