Солидарен базар на Здружението за еднородителски семејства „Една Може!”

По повод 8ми Март, Денот на жената, Здружението за еднородителски семејства „Една Може!”, во соработка со Skopje City Mall, организираат солидарен базар. Базарот е сместен на вториот кат помеѓу киното и центарот за куглање.

На базарот ќе можат да се купат рачни изработки, уметнички дела и природна козметика изработени од членките на здружението. Купувајќи некој од производите се вреднува и поддржува трудот  на членовите на оваа организација.

Здружението „Една може!“ – One can!, е доброволно, непрофитно, невладино, и непартиско здружение на граѓанки, самоиницијативно формирано со слободно здружување заради остварување на севкупна општествена грижа и третман на еднородителските семејни заедници и остварување на нивните економски, социјални, хуманитарни, здравствени, образовни и културни права.

„Согледувајќи ги потребите на членките и членовите на еднородителските семејства во земјава, се обединивме, си ја создадовме One can!, група за самопомош, пред неколку години, а во мај 2016та оформивме официјално Здружение за унапредување на правата на еднородителски семејства во земјава, Една може! – Скопје. Ова е пластичен пример за она што значи женска солидарност, а Skopje Citi Mall ни излезе во пресрет и стана дел од креирањето на посреќни приказни за еднородителските семејства во земјата“ изјави Дороти Пачкова, претседателка на здружението.

Организаторите ги повикуваат граѓаните да го посетат базарот и да купат некој од производите, со што ќе покажат свест и почит кон различностите, особено кон жената како столб на семејството.