Соларните плочи на Тесла пристигнаа во Порторико

Претприемачот Елон Маск го остварува ветувањето дека ќе го снабди Порторико со нови ресурси за производство на електрична енергија, откако островот и неговата инфраструктура беа разорани од ураганот Марија.

Фирмата на Маск, Тесла, постави соларни панели и батерии за складирање на електрична енергија во Детската болница во Сан Хуан.

Батериите ќе обезбедат енергија од панелите кога нема сончева светлина.

Тесла објави на Твитер дека ова ќе биде „прв од многу“ вакви проекти кои ќе бидат остварени во Порторико.

Маск донираше 250.000 долари од неговото лично богатство за да ги поддржи хуманитарните организации во Порторико, каде многу луѓе сè уште немаат електрична енергија.

На почетокот на октомври, ко-основачот на Тесла преку Твитер објави дека ќе помогне во враќањето на инфраструктурата.

Гувернерот на Порторико, кој е територија на САД, Рикардо Росели, на тоа одговори, „Ајде да разговараме“.

Господин Росело оттогаш се заблагодари на Тесла за нивната помош во болницата.

Договор вреден 300 милиони долари за поправање на електричната мрежа неодамна беше доделен на мала американска фирма, стара само две години и со двајца вработени.

Откако беше критикуван од страна на законодавците во САД, Росело ја одбрани одлуката неделава. Тој вели дека компанијата, Вајтфиш Енерџи Холдингс, е единствената компанија која се согласила со условите и цените кои Порторико може да ги понуди.

Тесла е претежно позната по своите електрични автомобили, како Модел С, но компанијата се проширува кон секторот на производство на обновлива енергија.

Моментално инсталира систем од Пауерпек батерии со моќност од 100 мегавати во Австрија. Тоа е досега најголемиот проект со литиум-јонски батерии во светот.

Минатата недела, доби договор вреден 160 милиони долари со производителот на ветерни турбини Вестас, за да инсталира батерии на нова ветерна фарма, исто така во Австралија.

Ветерната фарма ќе има и соларни панели и турбини, а е смислена за да обезбеди електрична енергија за повеќе од 35.000 домаќинства.