Најголеми загадувачи не се индустриските објекти и огревното дрво, туку проблемот со загадувањето на воздухот најдиректно го лоцираме во увозот на половни возила, вели Митко Алексовски, претседателот на Сојузот на стопански комори, објави МЕТА.
„Половните возила немаат заштитни филтри и катализатори и емитуваат огромно количество штетни честички во воздухот. Најголемите загадувачи, старите возила, не ги исполнуваат декларираните европски нормативи и ја зголемуваат емисијата на штетни ПМ10-честички во воздухот. Бројката на овие возила, според податоците од Царинска управа, во последните пет години изнесува 191.639, а пред 2010 година ваквиот проблем со прекумерната загаденост не беше регистрирана“, изјави Алексовски.
Алексовски вели дека студијата „Зелен раст“ на Светска банка покажува дека во Македонија, во просек, 1.350 луѓе годишно умираат поради загадување на воздухот, а тоа ја чини Македонија 253 милиони евра.
Од ССК предлагаат да се преземат две мерки, односно итно воведување на стандардот ЕУРО4 за увоз на половни возила и воведување регулаторна политика за јаглероден диоксид при увоз и при регистрација.