Сојузот на средношколци со ултиматум- Бојкот во ноември, ако не се дозволи комбинирана настава

Сојузот на средношколци најави бојкот на наставата доколу во месец октомври остане стабилна епидемиолошката состојба, а надлежните институции не дозволат постепено враќање на учениците во училница, преку настава по комбиниран модел.

„Во случај тоа да не се случи, секој ученик ќе ја бојкотира наставата во ноември. Ова не треба да се сфати како компромис, туку како ултиматум од еден месец до министерката Царовска и министерот Филипче“, истакна претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи, на прес конференција пред зградата на Министерството за образование и наука.

Тој посочи дека голем дел од барањата на средношколците биле прифатени од надлежните. Меѓу нив и тоа учебната година да почне од 1 октомври, праксата да се одвива со физичко присуство, а ученичките домови да профункционираат со половина од капацитетите. Но, нивното главно барање за комбиниран модел на настава, онлајн и со физичко присуство, беше одбиено. Велат дека се согласиле со онлајн настава во октомври, но не се откажуваат од комбинираниот модел.

Го поздравуваат формирањето на националната платформа, но додаваат дека е неопходна вистинска дигитализација во образованието. Онлајн наставата, велат, дополнително ги погоди најранливите групи.

„Затворањето на училиштата ги продлабочува нееднаквостите, при што околу 40000 ученици немаат финансии за учество во процесот на учење на далечина, овие алатки потребни за непречено водење на процесот од дома или далечина. На ова треба да се додадат семејствата кои имаат само еден лаптоп, што не е доволно да ги задоволи потребите на сите членови“, укажа Ходаи.

Средношколците на крајот на август излегоа и на протест откако беше најавено дека наставата ќе се одвива целосно онлајн, и порачаа дека сакаат комбинирана настава.

„Или донесете одлука за комбинирана настава, или се гледаме со бојкоти“ – средношколци седнаа пред Владата