Сојузот на средношколци нема да ја бојкотира онлајн наставата

Генералното собрание на Сојузот на средношколци донесе одлука Сојузот да не организира бојкот на онлајн наставата во моментов. Одлуката беше соопштена синоќа, преку социјалните мрежи, непосредно по онлајн средбата на средношколците.

„Иако Сојузот беше прва организација која се залагаше за безбедното враќање во училишните клупи, сегашната ситуација со пандемијата ова го направи невозможно, барем за овој момент. Сега Сојузот има два приоритети: да придонесе во решавањето на големите проблеми со наставата од далечина и да продолжи во подобрувањето на моделот на комбинирана настава, кој треба да биде имплементиран во правиот момент“, соопштија оттаму.

Инаку, претходниот период средношколците од Сојузот се залагаа за комбиниран модел на настава. Тие на крајот на август организираа протест преку кој сакаат да го искажат нивното незадоволство од тогашната одлука на владата за целосното имплементирање на онлајн наставата. Нивна делегација беше примена во Владата, од каде најавија дека ќе соработуваат за усовршување и најдобра имплементација на моделот на наставата.