Oдлуката наставниот процес во средните училишта да се одржува со физичко присуство беше поздравена од Сојузот на средношколци.
„Сојузот смета дека образовниот процес е мошне важен и како таков враќањето на учениците во клупите треба да биде државен приоритет. Како баланс меѓу квалитетот на образовниот процес и физичкото здравје на средношколците и наставниот кадар, ние предлага(в)ме воведување на комбинирана настава како најдобро решение. Во текот на овие две учебни години, успеавме да издејствуваме креација на националната платформа за е-учење. Успеавме во залагањето праксата да се одвива со физичко присуство, а државата конечно во своите регулативи (Планот за учебната 2021/2022) го препозна и призна комбинираниот модел“, соопштија од Сојузот.
Оттаму ги повикаа сите средношколците да ги почитуваат здравствените протоколи како единствен и најдобар начин да се заштитат. На средбата пак која ја имаа со министерката за образование и наука Мила Царовска, предложија неколку три амандмани на протоколите за настава со физичко присуство:
1. Училиштето организира редарска служба внатре во училиштето, со цел спроведување на редот, задолжително спроведување на дезинфекција и носење на заштитни маски, одржување на потребното растојание меѓу учениците, и за време на одморите. За време на големиот одмор, редарска служба се организира и во училишниот двор. Редарите да се ангажираат од редот на вработените во училиштетото, за што одлучува директорот. Директорот го определува и бројот на редарите во согласност со потребите.
2. Површините и предметите кои почесто се изложени на допир од страна на вработените во училиштето и учениците, се дезинфицираат на почетокот и на крајот на секоја смена. Училиштето изготвува листа на сите површини кои треба редовно да бидат чистени.
3. Се препорачува на учениците храната да ја набавуваат пред почетокот на часовите. Исто така, се препорачува на учениците да не го напуштаат училишниот двор за време на одморите.
„Училиштата треба први да се отворат, а последни да се затворат“, потсетуваат од Сојузот.
Од Министерство за образование и наука претходно соопштија дека се подготвени наставата да ја започнат со физичко присуство за сите ученици. Исклучоци се учениците со хронични болести, учениците кои имаат хронични болни во семејството, како и од немедицински причини за кои ќе одлучуваат училиштата. За овие ученици ќе има можност наставата да се следи онлајн во текот на целата учебна година.
МОН е подготвено со уште две резервни сценарија кои би се применувале во зависност од епидемиолошката состојба, а кое од нив ќе се применува ќе одлучува Комисијата за заразни болести.