Сојузот на извидници со признание „Повелба на Република Македонија“ на отворањето на Европската академија во Скопје

Сојузот на извидници на Македонија го доби признанието „Повелба на Република Македонија“ по повод 65 години од неговото основање како самостојно здружение на граѓани за деца и млади, а особено за исклучителниот придонес за развојот на младите луѓе во Македонија преку промовирање на извидничките вредности и принципи.

Признанието на Сојузот беше доделено од претседателот Ѓорге Иванов на синоќешното свечено отворање на Европската извидничка академија, која од 30 октомври до 4 ноември се одржува во Скопје и на која учествуваат повеќе од 200 луѓе од 40 земји во Европа.

„Сојузот на извидници на Македонија своите први почетоци ги бележи уште во далечната 1921 година, а обликот на денешната организација датира од 1953 година. До ден-денес во нејзините редови имаат членувано повеќе илјадници млади луѓе кои се грижат за правилно воспитување и образование на децата и младите. Денес Сојузот на извидници на Македонија функционира на речиси целата територија на Р. Македонија, со 25 активни извиднички одреди. Користејќи ги извидничкиот метод и неформалната едукација настојуваме да бидеме вистинска организација во која младите ќе го пронајдат своето место и ќе го изградат својот карактер, активно вклучувајќи се во општеството и донесувајќи одлуки кои го прават светот подобро место за живеење“, посочува генералниот секретар на Сојузот, Владимир Костовски.

За време на Европската извидничка академија, под мотото „Петте зачини на извидништвото“, учесниците надвор од Македонија имаат можност да ја пробаат вкусната храна која ја нуди земјава, но и да се запознаат со туристичките локации и природни убавини кои ги нуди Градот Скопје преку разни игри и работилници.

Сојузот на извидници на Македонија (СИМ), како невладина, непрофитна организација со шест и пол децениска традиција во областа на неформалното образование кај младите луѓе и со повеќе илјади членови од сите возрасти, е членка на Светската извидничка организација (WOSM) и достојно ја презентира Република Македонија на меѓународно ниво.

„Извидничката организација, како во светот така и во Македонија, е најбројното невладино движење во кое активно се вклучени над 100.000 млади луѓе. Повеќе од 100 години ние сме единственото движење кое опстанало и успеало да оствари придобивки за младите кои вистински се вреднуваат и согледуваат“, додаваат од Сојузот.