Сојузот на средношколци преку реакција ги потсетуваат надлежните дека остануваат две неисполнети барања од оние кои ги упатија преку протестот во понеделникот. Нивно признавање како рамноправни партнери, каде забележале значителен напредок, но и воведување како што велат, на вистинска комбинирана настава, преку подобрување и изработка на протоколи.
„По многуте средби со владините претставници, како и вчерашниот успешен протест за комбинирана настава, станува јасно дека нашите барања стануваат се повеќе прифатени од Владата“, велат од Сојузот.
Нивното прво барање, учебната година да започне на 1 октовмри беше прифатено. Покрај ова, практичната обука и учењето преку работа ќе се одвива физички.
„Исто така, изјавите даваат гаранција за зголемени и засилени хигиенски мерки, чистење, дезинфекција, проветрување, како и обезбедување на вода, сапун, дезинфекциски средства и тоалетна хартија за училишните тоалети. Најважно, барањето за децентрализиран пристап е прифатено. Според плановите на Владата, секое училиште ќе може, преку својот основач (општина, град Скопје или државата), да се произнесе за моделот на настава којшто ќе го следи. Ова барање ќе биде разгледано од новоформираната комисија“, се вели во реакцијата на Сојузот.
Моделот на комбинирана настава, кој тие го предлагаат подразбира поделба на паралелките во две групи. Едната група ја следи наставата физички, другата онлајн. Групите ротираат по одреден временски период.
Оттаму најавуваат дека ќе продолжат да комуницираат со институциите за да оствараат подобрување на сегашните протоколи како и изработка на протоколи за комбинирана настава.
Тие потсетија дека доколку не се воспостави комбинирана настава каква што бараат, ќе започнат со бојкот на онлајн наставата.