Софтвер се бори против сексуалната трговија на деца преку препознавање на лица

Емили Кенеди уште од мала ги анализирала рекламите за сексуална трговија на деца. Таа сакала да ги научи нивните трикови, односно зошто одредена реклама е формирана на тој начин, или зошто исти реклами често имаат различни телефонски броеви. Кенеди знаела дека со ваквите анализи би можело да се разоткрие барем дел од бизнисот со сексуална трговија. Откако дипломирала на Карнеги-Мелон Универзитетот, таа изградила систем што го прави токму тоа.

„Traffic Jam“ („Сообраќаен метеж“), кој беше развиен од компанијата на Кенеди, „Маринус Аналитикс“, веќе четири години ги истражува рекламите за сексуална трговија и ги користат за да и помогнат на полицијата за да ги пронајде тргуваните деца.

Овој систем неодамна беше ажуриран, со опцијата за „FaceSearch“ („ПребарувањеЛица“). Со неа, полицијата ќе може да го препознава лицето на детето од рекламите за сексуална трговија. Изворната фотографија може да дојде од Фејсбук или друга социјална мрежа, или од реклама за „исчезнато дете“.

Потоа, софтверот ги скенира онлајн фотографиите и „брзо одредува дали оваа потенцијална жртва била рекламирана онлајн за комерцијален секс“, стои во соопштението на компанијата.

„Може да се пребарува се што е прикачено од нивниот компјутер“, вели Кенеди.

Оваа технологија сега е достапна за секоја агенција за спроведување на законот која ќе сака да ја користи. Компанијата „Маринус“ ја додаде „FaceSearch“ во првичниот софтвер „Traffic Jam“.

Препознавањето на лице е методика која се повеќе ја користи полицијата. Приближно 25 отсто од полициските оддели во САД имаат технологија за препознавање на лица. Ова се користи и на некои царини и гранични премини. Полицијата во Берлин ја користи на железничките станици.

„Ние дефинитивно не можеме да го контролираме начинот на кој корисниците го употребуваат нашиот софтвер, но јас не сум премногу загрижена за злоупотребата, бидејќи е фокусирано“, вели Кенеди.