Софтвер посочува кога политичарите се на своите телефони додека трае седница

Дигиталниот уметник Дрис Депуртер периодов ја сподели својата најнова уметност која ја нарече „Фламанските прелистувачи“. Се работи за софтвер што користи препознавање на лице за да ги посочи политичарите од фламанската провинција на Белгија, кои не обраќаат внимание за време на седниците бидејќи гледаат во своите телефони.

Проектот доаѓа скоро две години откако фламанскиот министер Јан Џамбон предизвика револт во јавноста откако играше „Angry Birds“ за време на дискусија за политики.

Лансиран минатата недела, системот на Депуртер ги следи дневните преноси на владините состаноци во живо на ЈуТјуб за да процени колку долго пратеник гледа на својот телефон за време на тековниот состанок. Доколку системот забележи расеана личност, таа јавно ќе ја идентификува партијата со објавување на видео – на Инстаграм преку профилот @TheFlemishScrollers, а на Твитер преку профилот @FlemishScroller.

Изложениот пратеник ќе биде именуван и засрамен на социјалните мрежи. Ботот, исто така, учтиво бара од нив „да останат фокусирани!”

Сепак, според веб-страницата на Депуртер, ако нема седница во тек, софтверот наместо тоа ќе започне со анализа и учење од архивирани стримови во живо.

За помалку од 24 часа, софтверот веќе идентификуваше четири случаи на политичари заглавени на нивните телефони.

За дел од јавноста, пак, информациите од софтверот може да бидат проблематични, бидејќи не може со сигурност да се знае што тие политичари прават на нивните уреди, односно дали работат или трошат време.