Софија Бејковска Чачоровска: Пливав за идните генерации да тренираат во покриен базен

Софија Бејковска Чачоровска е 29-годишната битолчанка која вчера го оствари својот сон од детството, препливајќи го Охридското езеро. По десет часа поминати во вода, смрзната и со воспалени мускули, сепак среќна што успеала да го реализира овој подвиг, таа вели дека нејзината цел била да испрати апел до надлежните во Битола да создадат услови за идните ентузијасти, така што ќе изградат затворен базен, нешто што со години го нема во овој град.

Фото: Влатко Чачоровски

„Желбата од детство е она што најмногу ме натера да пливам. Како дете тренирав пливање, но секогаш сум сакала маратонско пливање, а не спринтер. Немавме услови никакви, ни средства, ни затворен базен, за да можам да пливам. После некое време се откажав, но желбата за пливањето ми остана и бидејќи сега сум возрасна сфатив дека се одалечувам од сонот. Си реков, имам 29-години, последна од 20-тите и морам да се ангажирам. После цела година со сите општествени проблеми, мислам дека ми дојде како празнење, како еден вид на медитација“, вели Бејковска Чачоровска за Радио МОФ.

За да може да тренира на отворено, таа и нејзиниот сопруг Влатко Чачоровски изнајмиле приколка во Љубаниште, каде речиси  два и пол месеци се подготвувала.

Како професорка по латински јазик во битолската гимназија „Јосип Броз Тито“, вели дека идните генерации заслужуваат да имаат место каде редовно би тренирале, но и би уживале во овој спорт, во зимскиот период.

„Најмногу ми е за следната генерација, бидејќи еве јас не станав пливачка, но некои помлади генерации треба да имаат затворен базен, да има некаква инцијатива, да се слушне нашиот глас. Навистина, нашиот град веќе нема што да понуди, ни за спорт, ни за култура, ни за уметност, но тоа не значи дека ентузијазмот е мртов“, смета таа.

Со нејзиниот подвиг Бејковска Чачоровска упати апел до надлежните во Битола да се ангажираат и да создадат услови за да се покаже потенцијалот што го има градот.

„Ние никогаш не сме имале покриен базен во Битола, имаме само еден отворен. Претходно, имавме два базени, едниот којшто беше резервоар на вода во Стрежево и во кој тренравме. Тој беше одличен за маратонско пливање, со 165 метри должина и во него тренирав како дете. Имаме и олимписки базен, но тој само во лето работи и немаме можности освен во приватен базен“, објасни таа.

Според она што го слушнала од постарите генерации, најави за изградба на покриен базен имало уште во 1984 година. Таа вели дека секоја година за време на изборна кампања се ветува решавање на овој проблем, но тоа никако да се реализира.

Бејковска Чачоровска уште како мала била навикната на водата во Охридското езеро. Иако сега има силни болки во мускулите, среќна е што успеала, бидејќи како што вели, има голема почит кон езерото и неговата природа.

Бејковска Чачоровска со нејзиниот татко и тренер по подвигот; Фото: Влатко Чачоровски

„Издржував баш заради љубовта кон пливањето, но и за да ја постигнам целта. Водата не беше многу топла, но имаше одредени ладни струи. Јас пливав многу подолго од професионалните пливачи, тие би го испливале езерото за шест часа, а јас за речиси двојно од нив. Во одреден момент ме фати криза, при крај организмот веќе почна да ми се лади и ја терав придружбата да ми прават муабет за да не заспијам од ладното, да не добијам хипотермија. Ми требаа многу јаглехидрати за да можам да издржам“, се потсетува таа.

„Кога веќе стигнав до 20 километри, си реков морам да издржам до крајната цел“, додава.

За време на 30-километарскиот маратон, кој го започна вчера наутро, најсилната поддршка ја добила од нејзиниот сопруг, таткото и тренерот.

„Најмногу поддршка ми даде мојот сопруг, којшто секогаш ме следеше со кајче или педалинка на тренинзите во Љубаниште. Со него носеше банани бидејќи на секои 20-30 минути мораше да ми даде за јадење. Огромна поддршка е што се нафати да дојде со мене во Љубаниште во приколка за да можам да тренирам. Исто така, добив голема поддршка и од родителите и од тренерот Кире Марков“, раскажува Бејковска Чачоровска.

Бејковска Чачоровска и нејзиниот сопруг на крајната цел

По успешниот подвиг, таа добила одлични реакции и пофални зборови, дури и од луѓе што не ја познавале, а кои ја поддржуваат нејзината иницијатива.

„Сите сакаат да видат дали надлежните би реагирале. Ова го направив за да се разбуди мојата и волјата на сите луѓе кои живееме во Битола. Се надевам некој ќе може да ни обезбеди затворен базен, бидејќи навистина вака нема смисла“, рече младата битолчанка, која додаде дека не планира во блиска иднина повторно да се нурне во Охридско езеро, но не ја исклучи можноста подвигот да го повтори уште еднаш, од љубов кон езерото.

Е.П.