Социјално дисторзираната убавина – изложба на Анастасија Величковска

Изложбата насловена како „Социјално дисторзирана убавина“ која претставува дипломски труд на Анастасија Величковска ќе биде отворена на 16-ти февруари во галеријата на ФЛУ, со почеток од 19 часот, а ќе биде отворена до 23 февруари.

„Делата даваат критика на конзумеристичкото општество кое не само продукти, ни продаваат вредности, слики, концепти за љубов и сексуалност, слики за успех. Изоставувајќи го нормалното, ни кажуваат кои сме и кои треба да бидеме. Преку разгледување на факторите кој ја создадоа социјано дисторзираната убавина, делата егзистираат во ослободување од политички, економски и религиски стереотипи, а се задржуваат на човековите права и потреби како, хармонија и баланс со автономната природа.
Сега можеме само да се надеваме дека Георг Грос (George Grosz) е во право кога вели дека цртежот е најдобриот инструмент во борба против современото општество“, вели Величковска.

Таа е дипломиран графички техничар и сценограф на ФЛУ- Скопје. Нејзиниот креативен опус е карактеризиран преку силната женска убавина која од друга страна создава длабока критика према мас медиумите, конвенционалноста и магазините. Величковска има работено како изведувач на сценографија во Македонска Опера и Балет и е дел од колективот „Кула“, каде се има преставено со повеќе од 5 групни изложби.