Социјално дистанцираната свирка во лондонски клуб не помина добро – концертот не ги покри трошоците

Менаџментот на лондонскиот клуб „Клафам Гранд“ соопшти дека пилот свирката која се одржа неделава, за време на пандемија на Ковид-19, е неуспешна. Иако шоуто беше во согласност со мерките за социјално растојание, сепак не даде решение за повторно да се врати музиката во живо, затоа што ограничувањата резултираа со загуба.

Владата реши да ги врати концертите во затворено во Англија од овој викенд, но прво направи тест како би се одвивале тие, придржувајќи се на мерките.

Пејачот Френк Тарнер настапуваше во клубот во вторникот, кога само 200 билети беа достапни за место со капацитет од 1250 посетители, кое беше поставено во стил на кабаре за да се обезбеди растојанието помеѓу луѓето. Пијалоците беа достапни само преку сервирање на маса додека имаше само еден правец за влез и друг за излез за да се осигура дека нема да има гужва додека луѓето се движеле низ зградата.

Менаџерката на местото, Ели Волф, изјави за експериментот:

„Тоа не може да биде иднината на концертите и тоа не може да биде иднината за клубовите и салите. Овој концерт финансиски не ги покри основните трошоци за работа на просторот, дури и кога хонорарот за бендот не е додаден на листата на трошоци“.

И покрај тоа што изминатиот викенд во Англија повторно е дозволено да се одржуваат затворени настапи, предизвиците, како оние наведени од Волф, значи дека би можело да помине некое време пред свирките навистина да се вратат.