Во Македонија постојат општини во кои нема ниту еден локален медиум, ниту, пак, новинар, а граѓаните се гладни за точни информации. Во недостиг од вести за локалната заедница, тие мора да се информираат од социјалните мрежи, а таму, во морето информации, има премногу дезинформации.
Ако на некој од интернет-пребарувачите го внесете името „Македонски Брод“ и кликнете на категоријата „вести“, ќе излезат само четири информации поврзани со овој мал град од западна Македонија, но ниту една нова вест од последните 24 часа. Од вкупно четири информации, три се постари од една недела и се поврзани со настани од црната хроника. Четвртата информација е вест стара повеќе од еден месец и се однесува на проект што го реализирал градоначалникот.
Ако, пак, се обидете со името „Демир Капија“ – ќе се појават неколку сервисни вести поврзани со сообраќајот на автопатот што ги објавиле медиуми што го користат сервисот на новинската агенција МИА, како и некои стари информации за сообраќајни несреќи од пред десетина години.
Во медиумски „мрак“ се и помалите општини, како Богданци, Демир Хисар, Македонска Каменица, Кратово, Пехчево, Свети Николе, Виница, Пробиштип итн. При пребарувањето може да се забележи дека нема ниту една вест за тоа што сработила локалната власт во овие места, има многу малку сервисни вести, најчесто оние што се однесуваат на режимот на сообраќај и временска прогноза, а ниту една локална сторија за проблемите со кои се соочува заедницата.
На медиумската мапа, имињата на овие општини се актуелни само во летниот период кога беснеат шумски пожари и токму затоа на онлајн-пребарувачите, најважните информации од заедницата се стари повеќе од девет месеци.
Во овие општини или заедници нема локални медиуми, ниту локални новинари и информациите оттаму ги пренесуваат дописници на Македонската информативна агенција со седиште во некои од поголемите градови.
Поради отсуството на локални медиуми во овие средини, како и поради гаснењето на неколку регионални, одредени региони во Македонија станаа таканаречени медиумски пустини – односно територии во кои воопшто нема вести за и од заедницата, а локалното покривање на вестите е ограничено или повеќе не постои.
Една четвртина од македонските граѓани живеат во медиумска пустина
Граѓаните се слабо информирани за проблемите во нивната заедница бидејќи најголемиот дел од медиумите се финансирани со помош на општините и поради тоа известуваат еднострано и исклучиво во корист на локалната самоуправа. Ако на тоа се додаде селективното финансирање на медиумите од страна на државата и отсуството на соработка на локалната самоуправа со локалните медиуми, тогаш се добива рецептот за создавање медиумски пустини.
Националните медиуми немаат интерес да покриваат локални теми
Со затворањето на локалните и регионалните радија и телевизии порасна моќта на националните традиционални медиуми, но таа не се користи за да се актуализираат проблемите на граѓаните од помалите заедници.
Граѓаните најчесто се информираат од јавниот сервис – МРТВ или од петте комерцијални национални телевизии, од неколку дневни весници, неколку национални радија и од многубројните онлајн-медиуми.
Овие медиуми се концентрирани во Скопје и известуваат најмногу за теми што се национално релевантни. Националните медиуми не гледаат интерес да ги покриваат овие теми.
Во отсуство на локални стории, вестите од локалните заедници се сведени на сервисни информации, црна хроника и по некој извештај од посета на политичарите на власта.
Според анализата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) за информативната покриеност во Македонија, главни причини за создавањето на пустините се затворањето на локалните весници и радиостаници, што доведе до намалување на бројот на новинари и до помало покривање локални настани и помала фреквенција на отворање прашања од јавен интерес, централизација на медиумите и на производството на содржини, преминот од традиционални во дигитални медиуми и економската ситуација во малите заедници.
Без новинари што известуваат за работата на локалните власти, бизниси и институции, овие ентитети можеби нема да бидат одговорни за своите постапки, што може да биде предуслов за лошо владеење и корупција.
Финансиска несигурност на локалните новинари
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за истражување РЕСИС, во текот на 2023 година, спроведоа повеќемесечно истражување. Според наодите, главни проблеми во медиумите се ниските плати, стресот на работа и непочитувањето на некои од основните работнички права, кои се гарантирани со Законот за работните односи. Исто така, истражувањето јасно идентификуваше дека во локалните и во регионалните телевизии и радија постојано се намалува бројот на вработените и дека новинарите се маргинално застапени. Статистиката покажа дека во 32 регионални и локални телевизии и во 62 регионални и локални радиостаници работат во просек по 1,6 новинари.
Во вкупно 32 локални и регионални ТВ станици, редовно се вработени само 54 новинари. Во вкупно 62 локални и регионални радиостаници, редовно се вработени само 65 новинари. Од вкупно попишаните 240 работни позиции кај локалните и регионалните ТВ станици, 58 отсто се хонорарни позиции. Од попишаните 139 новинарски работни позиции кај локалните и регионалните ТВ станици, 61 отсто се хонорарни позиции. Од попишаните 177 новинарски работни позиции кај локалните и регионалните радиостаници, 63,28 отсто се хонорарни позиции. Во вкупно 62 локални и регионални радиостаници, редовно се вработени само 65 новинари. Секоја локална или регионална радиостаница вработува во просек по 1,05 новинари.
А без локални вести и стории, жителите може да се информираат од социјалните мрежи или од други несигурни извори на информации, со што се зголемува ширењето дезинформации и слабее довербата во веродостојноста на вестите. Кога граѓаните се помалку информирани за локалните прашања, се намалуваат шансите за нивниот ангажман во заедницата.
Медиумските пустини се загрижувачки феномен во Македонија, посебно на неколку географски локации во источниот, јужниот и во северозападниот дел на земјава каде што граѓаните во неколку општини имаат тешкотии или воопшто немаат можност да пристапат до релевантни информации од локален карактер.
Овие области немаат доволно новинарски ресурси, како што се локални весници, радиостаници или телевизиски вести, што резултира со недоволно услужување на заедницата во однос на релевантни, веродостојни вести и информации.
Според неодамнешната анализа на ССНМ, 60 отсто од територијата на Република Северна Македонија претставува медиумска пустина и повеќе од една четвртина од населението не добива информации за својата локална средина.
Територијата на Македонија зафаќа површина од 25.713 км/2, а големината на територијата што ја зафаќаат горенаведените општини изнесува нешто над 5.800 км/2.
Во споредба со малите градови, ситуацијата во руралните општини е уште полоша и тие се целосно занемарени, особено ако се анализира бројот на жители во истите населени места, кои воопшто не добиваат информации за нивните заедници.
На пример, во Општина Боговиње, во северозападна Македонија, според пописот од 2021 година, живеат 22.906 жители, но не постои ниту еден локален медиум што известува за нивната заедница.
Општина Чашка се вбројува во трите најголеми општини во Македонија според територијата, но и нејзините 7.942 жители не се информирани за проблемите во локалната заедница. Слична е ситуацијата и во Општина Босилово, која се простира на 143 км/2 и има 14.260 жители, но нема локален медиум.
Слични рурални општини во Македонија, во кои нема локални медиуми, се: Брвеница (15.855 жители), Василево (12.122), Врапчиште (25.399), Градско (3.760), Дебрца (5.507), Долнени (13.568), Желино (24.390), Зелениково (4.077), Илинден (15.894 жители), Јегуновце (10.790), Конче (3.536), Кривогаштани (6.150), Липково (27.058), Лозово (2.858), Маврово и Ростуше (8.618), Могила (6.710), Новаци (3.549), Ново Село (11.567), Петровец (8.255), Пласница (4.545), Ранковце (4.144), Росоман (4.141), Сарај (35.408), Сопиште (5.656), Старо Нагоричане (4.840), Студеничани (17.246), Теарце (22.454), Центар Жупа (6.519), Чешиново-Облешево (7.490), Чучер-Сандево (8.493). Овие општини се простираат на територија од 8.827 квадратни километри, а во нив живеат 375.707 жители.
„Ако се собере бројот на жители во малите градови и во руралните општини, како и површината на која се распространети, се добива бројка од 486.000 жители што живеат на територија од нешто помалку од 15.000 км/2. Оттука може да се заклучи дека над 60 отсто од територијата на Република Северна Македонија е медиумска пустина и дека повеќе од една четвртина од населението не добива информации за својата локална средина“, се вели во анализата на ССНМ.
Социјалните мрежи – главен извор на информирање во локалните заедници
Оние локални медиуми што успеаја колку-толку да се одржат во живот, мигрираa во онлајн-просторот, кој од економски аспект им нуди поевтина и побрза можност да ја пренесат информацијата до сограѓаните.
Некои медиуми, во борбата за опстанок, одат дотаму што ги охрабруваат граѓаните во заедницата да им бидат репортери и да известуваат за вести, кои медиумот потоа ги објавува како содржини генерирани од публиката на своите страници на социјалните мрежи.
Од разговори со новинари од Крива Паланка, Струмица, Кавадарци, Велес, Кичево и од Македонски Брод може да се заклучи дека, освен централизацијата на новинарските редакции и отсуството на дописнички мрежи во помалите места, појавата на социјалните мрежи е една од причините да се создадат медиумски пустини во кои граѓаните, посебно оние повозрасните, буквално нема од каде да се информираат за локалните проблеми или да прочитаат некоја локална приказна.
Новинарката на онлајн-медиумот „Скопјеинфо.мк“, Христина Николовска доаѓа од Крива Паланка, но работи за медиум што покрива национални теми. Вели дека граѓаните се информираат од социјалните мрежи, најчесто од Фејсбук, со оглед на тоа дека во Крива Паланка нема локален медиум.
„Има дописник од Крива Паланка за МИА така што за дел од настаните и случувањата во градот, граѓаните може да дознаат преку интернет-порталите, кои ќе ја преземат конкретната вест за Крива Паланка, но тоа се најчесто информативни и афирмативни прилози за градот“, вели Николовска.
Според неа, централизирањето на новинарските редакции во Куманово е проблем за известувањето од Крива Паланка.
„Конкретно, во близина на Крива Паланка е Куманово и таму има неколку локални и регионални медиуми, но тие ретко известуваат за Крива Паланка и за околните рурални места. Крива Паланка, во тој контекст, во вистинската смисла на зборот е медиумска пустина“, додава Христина.
Од неформалните разговори со граѓаните, Христина заклучила дека во Крива Паланка е потребен локален медиум што ќе обработува теми на заедницата.
„Таков медиум имаше пред некои 8-9 години, локална телевизија „Златен канал“ и може да се каже дека повеќето велат дека им недостига токму овој медиум. Отсуството на локален медиум значи недоволна информираност кај јавноста, што носи ризик од половични информации, дезинформации, апатичност за општествената одговорност“, анализира Николовска.
Eнтони Белaнџер, генерален секретар на Меѓународната федерација на новинари: „Социјалните мрежи стануваат главен извор на информации во отсуство на локални медиуми“
Граѓаните се поплавени во море информации на социјалните мрежи, но жедни се за локални приказни и информации од локалните медиуми, кои сè уште уживаат повисока доверба кај населението, во споредба со националните медиуми. Во интервју за оваа сторија, генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинарите (ИФЈ), Ентони Беланџер вели дека медиумските пустини се закана за развојот на демократијата.
1) Што мислите за начинот на кој ширењето на таканаречените медиумски пустини влијае врз демократските процеси?
Беланџер: „Медиумските пустини претставуваат растечка закана за демократијата и за улогата што треба да ја играат локалните медиуми. Отсуството на покривање на локалните медиуми доведува до значителен пад на излезноста на гласачите. Граѓаните се чувствуваат помалку информирани и помалку вклучени во локалните политички одлуки. Недостигот од транспарентност и јавна контрола во регионите без независно медиумско покривање ја поттикнува појавата на коруптивни практики. Создавањето медиумски пустини директно го загрозува пристапот до локални информации, суштински столб на демократијата“.
2) Дали социјалните мрежи можат да се сметаат за релевантен извор на информации и да ги заменат локалните традиционални медиуми?
Беланџер: „Во отсуство на локални медиуми, социјалните мрежи стануваат главен извор на информации, што може да ја интензивира политичката поларизација и да поттикне појава на екстремистички кандидати и лажни вести“.
3) Јавниот сервис во нашата земја нема широка дописничка мрежа, која би покривала теми во локалните заедници, а националните приватни телевизии не одвојуваат ниту пари, ниту минути за локални прилози. Која би била препораката на ИФЈ за надминување на оваа ситуација?
Беланџер: „Локалните медиуми можат да усвојат мултимедијални формати (видеа, поткасти) за да привлечат поширока и поразновидна публика. […] Партиципативното финансирање или поддршка од фондации може да обезбеди привремен спас за локалните медиуми. […] Локалните власти мора активно да ги поддржуваат регионалните медиуми преку создавање поволни регулаторни рамки и подигање на јавната свест за нивното демократско значење. […] Императив е да се инвестира во регионалните медиуми, да се иновира во нивните формати и деловни модели и да се поттикне колективната поддршка за зачувување на нивната клучна улога во нашите општества“.
Покрај тоа, постојат популарни групи на социјалните мрежи, каде што граѓаните на локалните заедници известуваат и дискутираат за информации релевантни за заедницата. Во некои области, вклучувајќи ги и руралните области и населбите, некои од овие групи се особено ефикасни во комуникацијата и дискусијата за локалните прашања.
Една од таквите групи на социјалната мрежа Фејсбук е „Реално Кавадарци“, која функционира осум години и има 38.000 следбеници, односно 2.000 повеќе во однос на бројот на жители на Општина Кавадарци.
„Во своето постоење, стекнавме доверба кај нашите следбеници со акумулирање релевантни онлајн-вести подготвени некогаш од самите граѓани, со висок степен на заштита и анонимност за изворите. Показател за тоа е статистиката на сообраќајот на фејсбук-страницата, во последниот месец има 16 милиони прегледи на содржините“, вели администраторот на групата, Орданче Бошковски.
Според него, групата е независна, а меѓусебните партиски обвинувања вели дека ги држат настрана затоа што, како што вели, забележале дека влијаат врз поделбата на нивните следбеници.
„Се придржуваме на правилата што ги има поставено Мета, имаме поставено алгоритам на коментарите со цел да се намали и неутрализира говорот на омраза. Алгоритамот ги препознава и ги отстранува автоматски, како и лажните профили без слика (ботови)“, изјави Бошковски.
Тој, заедно со својот тим, смета дека допрва доаѓаат нови и подобри времиња за ваквите онлајн-медиуми на социјалните мрежи.
„Поддржуваме измени во Законот за медиуми, каде што ние би влегле во регистарот на медиуми, со цел граѓаните да се информираат подобро и независно“, додава тој.
Граѓаните, во локалните заедници, често ги користат социјалните мрежи како извор за добивање информации, но голем дел од нив може да бидат непроверени и неточни.
Во Струмица постојат вакви слични влијателни групи со огромна публика на социјалните мрежи, кои, според искусниот новинар Ване Трајков, пласираат непроверени информации за да добијат повеќе „кликови“ и без притоа да се внимава на етичкиот кодекс.
„Апсолутно дека тие се новите „медиуми“ на локалната заедница. Ги ставам во наводници зашто не знам како да ги именувам бидејќи според мене тие се само обични трансмитери на веќе објавен статус, фотографии или веќе објавени видеа од политичар, функционер, институција, граѓанска организација, спортски клуб без никаков авторски труд. Да, во Струмица постојат такви фејсбук-групи, страници, кои, според мене, само пренесуваат нешто што веќе е објавено без да нагласат авторство или дека е преземено, туку го декларираат како нивно“, коментира дописникот на МТВ, „Сдк.мк“ и новинар на „Дрнка.мк“ и „Локал-актив“.
Трајков смета дека на овие страници им се важни лајковите, коментарите и споделувањата и затоа постои опасност од целосно искривување на реалната слика во заедницата.
„Од друга страна, одредена фејсбук-група или страница ќе има голема видливост што, пак, носи можност за монетизација, односно огласи, реклами. На тој начин се минимизира новинарскиот труд, не може да се добие издржана информација, туку само она што „некој“ го кажал и згора на тоа се дозволуваат секакви коментари“, потенцира новинарот од Струмица.
Според него, ваквите фејсбук-групи и страници имаат голем раст и стануваат влијателни и затоа мора да има јасно разграничување меѓу тоа што е содржина објавена со уредничка интервенција и содржина едноставно пренесена на социјалните мрежи.
„Еснафските здруженија, институции и медиумски организации ќе мора да осмислат кампањи на локално ниво, да се утврди што се професионални медиуми, а што се фејсбук-страници, што е авторство, а што туѓ труд, како изгледа професионална информација, а како изгледа само пренесена информација.
Тоа го мислам зашто на локално ниво, еве во југоистокот има сѐ помалку медиуми од кои граѓанинот може да се информира. Има една регионална ТВ, која само со еден новинар пренесува настани, шест локални радија, кои не продуцираат вести и околу осум информативни портали, кои пренесуваат нечии фејсбук-статуси или објавени информации од институции, општини, градоначалници или од други медиуми без авторски медиумски содржини“, вели Трајков.
Сѐ повеќе медиумски пустини во соседството и во Европа
Сеопфатното компаративно истражување за состојбата на локалните медиуми и медиумските пустини на европско тло насловено „Откривање на медиумските пустини во Европа: Ризици и можности за локалните медиуми во ЕУ“ открива дека намалувањето на бројот на локални новинари – тренд, кој е широко распространет низ ЕУ, произлегува од растечката тенденција за централизирање на редакциите во главните градови и распространетоста на таканареченото канцелариско новинарство.
Анализата на медиумски пустини во земјите на ЕУ покажува дека во соседна Бугарија, североисточниот регион е област со најмал број локални и регионални медиуми во земјата. Областа Разград во северноцентралниот регион на Бугарија има само четири локални и регионални медиуми. Третиот по големина град во Бугарија, Варна повеќе нема локален дневен весник по затворањето на „Черно Море“ во април 2020 година.
Од 2.500 регистрирани медиуми во Србија, една третина се локални медиуми, но, според Снежана Милошевиќ, генерален секретар на Здружението на локални независни медиуми, оваа бројка не говори за плурализмот на медиумите, ниту за вистинската состојба на информираноста на граѓаните во Србија.
Проблемот во Србија е проектното кофинансирање на локалните медиуми, што е главен извор на финансирање за многу од нив.
„Евидентно е дека медиумите што се блиски до власта добиваат поголем дел од локалните буџети за информирање на граѓаните, без разлика на квалитетот и ефективноста на нивните проекти “, вели генералниот секретар на Локал прес.
Во Србија, тренд е купувањето мали независни медиуми што веќе изградиле доверба кај граѓаните, но завршиле во рацете на членови на владејачката партија. Оние локални новинари што не ги продале своите медиуми, немаат пристап до финансиски средства од јавните буџети или од донатори.
Според компаративната анализа за медиумски пустини, најзагрозени се локалните медиуми во Романија. Во 2008 година имало 54 локални весници. Десет години подоцна, бројката паднала на 12, а во 2023 година имало само два локални печатени медиуми.
Во Хрватска, ситуацијата е малку подобра, па во 2019 година имало девет локални печатени медиуми што ги покривале руралните средини. Сепак, најзастапени се локалните и регионалните радија.
Во Бугарија, вкупниот број регионални весници е намален во текот на изминатите 5 години: 127 во 2018 година, 113 во 2019 година, 111 во 2020 година, 106 во 2021 година и 100 во 2022 година. И во Македонија, секоја година се намалува бројот на регионални и локални медиуми, но во последните десет години, ситуацијата е алармантна. Од 2014 година наваму, според податоците од регистрите на АВМУ, избришани се 26 печатени медиуми и 21 радио, а само во текот на 2024 година престанаа да важат дозволите на шест радиодифузери.
Орце Костов
*Анализата првично е објавена на сајтот на Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ).
**Оваа анализа е создадена во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“, кој го спроведуваат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во партнерство со Институтот РЕСИС, а е финансиски поддржан од Европската Унија. Ставовите и мислењата искажани во анализата не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на спроведувачите и на авторот.