Социјалните мрежи можат да предизвикаат проблеми со спиењето

Корисниците кои секојдневно ги користат социјалните мрежи имаат значително поголем ризик од проблеми со спиењето, отколку оние кои се помалку заинтересирани за Фејсбук, Твитер и другите социјални платформи, се вели во истражувањето направено врз 1.788 возрасни лица на возраст од 10 до 32 години,  од истражувачите на Универзитетот во Питсбург. Истражувањето, кое ќе биде објавено во априлското издание на списанието Превентивна медицина, се однесува на времето поминато на социјалните платформи: Фејсбук, Јутјуб, Твитер, Гугл Плус, Инстаграм, Снепчет, Редит, Пинтерест, Вајн и ЛинкедИн.

„Ова е еден од првите докази дека употребата на социјалните медиуми навистина може да влијае на вашиот сон”, вели водечкиот автор Џесика Левенсон, истражувач на постдокторски студии во одделот за психијатрија на универзитетот.

Во просек, од оваа група на млади луѓе – каде речиси едно од три лица имале високо ниво на нарушување на спиењето, биле корисници на социјалните медиуми по 61 минута секој ден и посетувале различни социјални медиуми околу 30 пати во неделата.

Оние кои најчесто се вклучувале на своите профили на мрежите имале три пати поголема веројатноста за појава на проблеми со спиењето, во споредба со групата која тоа го правела поретко.

„Ова може да укажува на тоа дека фреквенцијата на посети на социјалните медиуми е подобар индикатор за проблемите со спиење отколку вкупното време поминато на социјалните медиуми”, вели Левенсон. „Ако ова е случај, тогаш интервенциите како спротивставување на опсесивната „проверка” може да бидат најефикасни“.

Оваа студија ја поткрепуваат и други истражувања кои покажуваат дека употребата на компјутерите воопшто (не само за социјалните медиуми) можат да го нарушат сонот. Во 2012 година беше направена студија врз повеќе од 1.400 млади луѓе, од истражувачите на Универзитетот во Гетеборг, која покажа дека честата употреба компјутер не само што доведува до нарушувања на спиењето, туку и кон депресија и стрес.

„Лесно е да се поминува повеќе време од планираното на компјутер (на пример во работа, игри, или во разговор), а тоа води кон временски притисок, занемарување на други активности и лични потреби (како што се социјална интеракција, спиење, физичка активност ), како и менталното преоптоварување“, пишуваат истражувачите.