Социјална мрежа во Кина се откажа од отстранување геј содржини по јавен револт

Една од најголемите социјални мрежи во Кина, Сина Веибо, ја повлече својата забрана за интернет содржини „поврзани со хомосексуалност“ по револтот кој оваа одлука го предизвика кај интернет корисниците во земјата, пишува Гардијан.

Социјалната мрежа во петокот соопшти дека во следните три месеци ќе отстранува стрипови и видеа со „порнографски содржини, во кои се промовира насилство, или е поврзано со хомосексуалност“. Компанијата посочила дека намерата била да се створи хармонична околина за нејзините корисници, како и да се усогласат со државните закони за сајбер-безбедност.

Како одговор, корисниците на Веибо поставувале фотографии со своите партнери, коментари и симболи на виножито проследени со хаштагот #јассумгеј.

„Јас сум мајка на геј син. Син ми и јас ја сакаме нашата земја. Без разлика каде одиме, гласно кажуваме дека сме од Кина. Но, денес, одеднаш откривам дека во оваа силна земја, Сина Веибо го дискриминира и напаѓа ова сексуално малцинство“, напишала жена од Шангај во објава која добила преку 55 илјади одобрувања.

Многумина го цитирале уставот на Кина и законите за заштита на малцинствата, додека други потенцирале дека хомосексуалноста е декриминализирана во 1997 година, додека во 2001 земјата ја има отстрането од владината листа на ментални нарушувања.

По бранот реакции, утрово Сина Веибо соопшти дека нивната кампања повеќе нема да вклучува геј содржини и само ќе биде фокусирана на проверка на порнографски и насилен материјал.

Поголемиот дел од ЛГБТ заедницата од Кина е принудена на притаеност. Според анкета на Обединетите Нации од 2016 година само 15% од нив изјавиле дека кажале на нивните родители, додека само 5% јавно ја декларирале својата сексуална ориентација.

Во дел од јавните болници и приватни клиники сè уште се користи терапија за промена на хомосексуалната ориентација.