Собранието за референдумска кампања ќе добие 1,3 милиони евра од буџетот

На денешната, 84-та редовна седница, Владата го задолжи Министерството за финансии да подготви обезбеди 80 милиони денари (1,3 милиони евра ) од Буџетот  за Собранието на РМ, кое треба да ја спроведе кампањата како овластен предлагач на референдумот. Ако парите за кампањата не се потрошат, тие ќе треба да се вратат назад во Буџет.

Собранието ќе формира Координативно тело за спроведување на Референдумот на државно ниво и водење на јавна пропаганда, со кое че раководи претседателот Талат Џафери, а ќе членуваат потпретседателите и координаторите.

„Собранието, ќе им даде можност на сите пратеници кои се „за“, „против“ или „бојкот“ на Референдумот, пропорционално, според  изјаснувањето, да бидат застапени и да можат да ги изразат пред  јавноста своите ставови и аргументи“,  стои во собраниското соопштение.

Од Владата пак соопштија дека ќе спроведат кампања за референдумот за прикажување на добивките за граѓаните на Република Македонија од влезот на Македонија во Европската Унија и НАТО, како и за објаснување на конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор. Со кампањата истовремено ќе ги повикаат граѓаните да гласаат на референдумот.

Кампањата Владата ќе ја води преку медиумите, со соопштенија за јавноста, брифинзи, изјави, прес-конференции, интервјуа и ТВ и радио гостувања. Ќе ги користи и социјалните медиуми Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Фликр и Јутуб, за што ќе даде 400.000 денари од редовниот буџет на Генералниот секретаријат на Владата. Кампањата ќе ја води и на терен, преку средби, состаноци, учество на јавни настани.