Собранието вчера не ги гласаше измените на Законот за минерални суровини

Поради немање кворум за работа, Собранието вчера не гласаше за измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини.

Пратеникот Илија Николовски од СДСМ рече дека не се согласува со предложените измени, сметајќи дека со работата на рудниците не се загрозува животната средина и се почитуваат еколошките стандарди.

Пратеничката на ДОМ, Лилјана Поповска, изрази разочарување од текот на собраниската седница. Нејзината партија смета дека се случил тивок бојкот од поединечни пратеници.

„По јавната дебата во Собранието со присуство на сите заинтересирани страни, по безброј дебати на медиуми и собири, по вградување на амандмански измени според заклучоците на собраниската комисија за економија, Законот беше спремен за гласање. Во целиот овој процес постоеше соработка и недвосмислена поддршка за Законот од СДСМ и коалицијата, како и од над 40 граѓански еколошки организации и иницијативи“, соопштија од ДОМ, додавајќи дека „остануваме убедени дека Република Македонија треба да води сериозна грижа за заштита на животната средина и да им се придружи на земји како Германија, Чешка, Унгарија, кои ја имаат донесено забраната“.

Инаку, со законот се предлага забрана на употреба на цијаниди и сулфурна киселина при флотација или лужење во нови рудници од отворен коп. Ова не ги засега постоечките рудници. Се бара и депонирана финансиска гаранција од идните концесионери во случај на еколошки катастрофи, како и јасно наведување на постапката во техничко-технолошки елаборат. Дополнително, се предлага продолжување на рокот за одговор од локалната самоуправа и државните институции од 15 на 60, односно 30 дена, заради поголема транспарентност.

Поминаа девет месеци од поднесувањето на Законот од 11 пратеници : Лилјана Поповска и Маја Морачанин од ДОМ, Мери Лазарова, Кети Смилевска, Диме Велковски и Сашо Атанасов од СДСМ, Горан Милевски од ЛДП, како и независните пратеници – Ивана Туфегџиќ, Ирена Стефоска, Павле Богоевски и Ферид Мухиќ.