Собранието се распушти за избори на 12 април

Пратениците во Собранието на Северна Македонија со 108 гласа „за“ изгласаа овој парламентарен состав да се распушти и со тоа обезбедија можност вонредни парламентарни избори да се одржат на 12 април.

Денеска, покрај оваа одлука, Собранието изгласа и повеќе закони, меѓу кои и Законот за јавно обвинителство, за кој беше потребно дво-третинско мнозинство, Законот за одбрана, но и Законот за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги.

Според уставните рокови, изборите се одржуваат во рок од 60 дена по распуштањето на Собранието, а според Изборниот законик изборите кои се најавени за 12 април ќе ги организира техничка влада во која два министри и три заменици министри се на предлог на најголемата опозициска партија. Сепак, по разрешувањето на министерката Рашела Мизрахи, министерката позиција во Министерството за труд и социјална политика ќе остане празна, бидејќи опозицијата не предложи нов кандидат за оваа функција.

Овој парламентарен состав ќе остане запаметен главно по немилите настани кои се случија на „Крвавиот четврток“, кога на 27 април 2017 година голема група луѓе упадна во Собранието и беа нападнати дел од пратениците на тогашната опозиција. Најтешко помина пратеникот Зијадин Села, кој заврши со тешки телесни повреди, а неговите напаѓачи потоа беа осудени за обид за убиство.

Во мандатот на овој пратенички состав беше ратификуван и Договорот од Преспа, а потоа и изгласани уставните амандмани со кои се промени државното име од Република Македонија, во Република Северна Македонија, што беше предуслов за одблокирање на евроатланските интеграции.

Една од последните одлуки на Собранието, беше и ратификување на Северноатланскиот договор, со што во следниот период земјава треба да стане 30-та членка на НАТО Алијансата.