Собранието расправа за Законот за студентски стандард

Собранието на Република Македонија денеска расправа по повеќе закони од образовната сфера и студентскиот стандард. Измените и дополнувањата најверојатно ќе бидат усвоени уште денеска, по итна постапка, заедно со уште дваесетина закони од други области.

На седница на Комисијата за образование и наука ќе се најдат измените на законите за студентски и ученички стандард, во чие образложение стои:

Со оглед дека дејноста на студентскиот стандард е уредена со закон донесен пред четиринаесет години и има само едно изменување и дополнување, со неговата примена во праксата се покажаа одредени недоречености во неговото спроведување кои оневозможуваа ефикасно функционирање на системот на студентскиот стандард.

За да се овозможи развојот на студентскиот стандард има потреба од донесување на нови нормативни решенија во приближувањето на оваа дејност во Република Македонија со системите на студентскиот стандард на државите членки на Европската Унија“.

На комисијата ќе се најдат  измените на Законот за високо образование кои ги предлага Владата, со образложение дека со нив се имплементираат последните препораки кои произлегуваат од болоњскиот процес дадени со Букурешкото Коминике.

Собранието работи без присуство на пратениците на опозицијата, а во изминатите денови по скратена постапка донесе десетици закони.