Собранието приоритетно да расправа за поништување на лустрацијата, побараа невладините од Блупринт групата

Седум невладини организации членки на Блупринт групата на граѓански организации за реформи во правосудството побараа од претседателот на Собранието, Талат Џафери, приоритетно на дневен ред да биде ставен Предлог – законот за огласување ништовност и поништување на правните акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација.

Тие посочуваат дека во Извештајот на Прибе била нагласена исполитизираноста на процесот на лустрација кој се спроведе во државава пропратен со непостоење на независна комисија за лустрација и дека Експертската група веќе сугерирала до власта за целосно повлекување и ревизија на лустрацијата. Дополнително, потенцираат дека како последица на политичката волја, беше востановена потреба од воспоставување правна основа за поништување на правните акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација во Стратегијата за реформи на правосудниот сектор (2017-2022) со рок за реализација до декември 2017.

„Граѓанските организации кои се членки на Блупринт групата за реформи во правосудството во изминатите 3 години реагираа поради непостоење на правен механизам за укинување на правните последици од процесот на лустрација кој беше во функција за прогон на политичките неистомисленици со тогашната власт, и бараа донесување на законско решение за поништување на лустрацијата пред самораспуштањето на Собранието во февруари оваа година. Оттука, поради заштита на правата на лустрираните и нивните семејства и минимизирање на последиците и штетите кои ги трпеа, како и заради заштитата на нивниот личен интегритет и достоинство повторно потенцираме дека е неопходно итно донесување, а потоа и спроведување на Предлог – законот за огласување ништовност и поништување на правните акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација“, стои во нивното отворено писмо до Џафери.

Неформалната мрежа Блупринт група за реформа на правосудството е составена од партнерските организации: Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Хелсиншки Комитет за човекови права на Република Македонија (МХК), Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Институт за човекови права (ИЧП), Институт за европска политика (ЕПИ), Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА) и Фондација Отворено општество –Македонија (ФООМ).