Собранието итно да избере два члена на КСЗД, бара Мрежата за заштита од дискриминација

Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието на Република Северна Македонија итно да спроведе постапка за избор на два члена на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).

Оттаму тврдат дека Комисијата за избор и именување доцни со организирање јавна расправа по пријавените кандидати, на која треба да се повикани сите заинтересирани чинители, а особено здруженијата на граѓани кои работат во областа на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата. Од Мрежата потсетуваат дека Комисијата за избор и именување во рок од 14 дена по истекот на рокот на огласот, кој траел до 15 март, треба да утврди предлог-листа на кандидати до Собранието.

„Ја користиме оваа прилика да апелираме изборот да се изврши по заслуги, да се изберат стручни и независни експерти како членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Исто така, потсетуваме дека членовите мора да имаат минимум седум години работно искуство во областа на човековите права, од кои пет во областа на еднаквост и недискриминација (член 17 од Законот за спречување и заштита од дискриминација). Потсетуваме дека избор на членови кои не ги исполнуваат критериумите, односно по партиски клуч, ја загрозува и анулира улогата на Комисијата, нејзината независност гарантирана со закон, директно влијае на (не)довербата на граѓаните во институцијата и доведува до несоодветно спроведување на Законот, со што се спречува процесот на унапредување на еднаквоста во општеството. Од друга страна, потсетуваме за недостатокот на родова еднаквост помеѓу членовите на Комисијата, само една жена наспроти четири мажи. Исто така, потенцираме дека во претходните постапки за избор на членови на КСЗД аплицираа повеќе жени и припадници на маргинализирани групи законските критериуми аплицираа, но не беа избрани за членови. Оттука, овие две места треба да се пополнат со жени и/или жени од маргинализирани групи, доколку помеѓу кандидатите има лица со овие карактеристики кои ги исполнуваат условите за стручност и независност“, објаснуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Истовремено, од Мрежата велат дека Собранието треба да избере два члена за да ги пополни позициите кои долго време се празни, додавајќи дека поради тоа институцијата работи со недоволно капацитети за да ги оствари законските надлежности.

„Сметаме дека одолговлекувањето на изборот на членови на Комисијата претставува неодговорно делување од страна на Собранието и пратениците, бидејќи на ваков начин не се почитуваат законите кои самото Собрание ги носи и се оневозможува целосно функционирање на институцијата, како што и индиректно влијаат врз остварувањето на човековите права и слободи на граѓаните“, посочуваат од Мрежата.

Дополнително, тие потсетуваат и на забелешките и препораките од Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2022 година, во кој, додаваат дека е истакнато дека Собранието неуспеало да ги пополни празните места во Комисијата и дека проблемите со финансиските и човечките капацитети на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација треба приоритетно да се надминат.