КСЗД утврди дискриминација од МОН зошто децата во Воспитно-поправниот дом во Тетово немале образование

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди директна продолжена дискриминација сторена од Министерството за образование и наука (МОН) поради тоа што децата во Воспитно-поправниот дом во Тетово немале пристап до задолжително образование.

Според Комисијата децата кои се на издржување воспитно-поправна мерка во оваа установа биле дискриминирани според нивниот личен статус и според нивниот пол, поради сегрегација на девојчињата.

КСЗД покренале постапка по службена должност, откако во јавноста излезе серијал истражувачки стории на оваа тема од Медиумската информативна агенција.

„По разгледувањето на наодите од истражувачките стории, добиените информации од поднесоците за произнесување и анализа на релевантната легислатива, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека децата кои се на издржување воспитно-поправна мерка од ВПД Тетово немаат пристап до задолжително образование“, велат од КСЗД.

„Министерството за образование и наука со непостапување по предлозите на Управата за извршување на санкции и пасивноста во процесот на наоѓање на системско и одржливо решение за организирање и финансирање на образованието на децата кои се на издржување воспитно-поправна мерка во ВПД Тетово, пропуштило да им овозможи пристап до задолжително образование на овие деца, со што сторило директна продолжена дискриминација во пристап до задолжително образование, врз основа на личен статус врз децата кои се на издржување воспитно-поправна мерка во ВПД Тетово“, додаваат од Комисијата.

Од КСЗД донеле општа препорака со која му се порачува на МОН, во соработка со Управата за извршување санкции, да обезбеди системски, одржлив и континуиран пристап до задолжително образование на сите осудени лица или деца за време на извршување на казната затвор или заводската мерка

„Основната функција на казнено-поправните и воспитно-поправните установи е процесот на ресоцијализација на осудените лица. Целта на извршувањето на казната затвор е оспособување на осудените лица да се вклучат во општеството со најдобри изгледи за самостоен живот. Целта на извршувањето на воспитните мерки е заштита, образование, воспитување и превоспитување, социјализација, помош и грижа за децата за да се обезбеди правилен развој на нивната личност. Оттука, пристапот до задолжително образование на сите осудени лица или деца на кои им е изречена заводска воспитна мерка – упатување во воспитно-поправен дом, е клучно за да се исполнат целите на затворската казна и извршувањето на воспитните мерки, а воедно и за исполнување на основната функција на казнено-поправните и воспитно-поправните установи“, наведуваат од Комисијата.