Собранието го донесе законот за ратификација на Договорот од Париз

Собранието на Република Македонија на вчерашната седница ги усвои предлог законите за ратификација на Договорот од Париз и Спогодбата за соработка помеѓу Владата на Македонија и Советот на министрите на Босна и Херцеговина во процесот на пристапување во Европската Унија.

Двата предлог закони ги образложи министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Во образложението на предлогот за ратификација на Договорт од Париз, Димитров рече дека се работи за прв универзален и правно обврзувачки договор посветен на глобалните напори за намалување на климатските промени.

„Договорот од Париз е усвоен на 21. седница на страните на рамковната конвенција на ОН за климатски промени. Беше отворен за потпишување на 22 април 2016 година, кога Република Македонија го потпиша. Заклучно со јули годинава 151 држава од вкупно 197 го имаат ратификувано“, рече Димитров.

Димитров, во образложението на договорот со БиХ рече дека  тој се темели во основа на стратешкиот интерес на двете пријателски држави за членство во ЕУ.

„Сподгодбата се потпиша на 20 април годинава. Во основа договараме сорабоитка во сферите на политички дијалог, економска и трговска соработка, движење на труд и капитал, формирање и давање на услуги, усогласување на законодавството со правото на ЕУ, соработка во правосудството и внатрешните работи, како и соработка во други полиња“, изјави Димитров.