Собранието ги прифати измените во Законот за полиција со кои се уредува снимањето

Собранието ги усвои предлог измените во Законот за полиција, по скратена постапка, када се уредува и употребата на технички средства за видео снимање.

Со членот 93-а се уредува можноста Полицијата да употреби технички средства за видео снимање, со кои ќе се обезбеди снимен материјал (видео запис) за начинот на кој се презема конкретно дејствие во рамки на примената на полициските овластувања од страна на полициските службеници.

Периодот на чување на снимките, со измените, наместо досегашните 6 месеци, сега се скратува на 45 дена, освен материјалот кој ќе се чува за кривична и прекршочна постапка. Исто така терминот „видео запис“, тој се допрецизира со терминот „аудио“, односно ќе стои „аудио и видео запис“.

„Со измените, во членот 93-а се додава нов став кој вели дека „при користење на техничките средства за аудио и видео снимање полицискиот службеник е должен да го извести лицето дека преземањето на дејствието е предмет на аудио и видео снимање, освен доколку известувањето на лицето за употреба на аудио и видео снимање го оневозможува или отежнува преземањето на дејствието во рамки на полициското овластување“, стои во изгласаните измени.

Како претставници на Владата, која е предлагач на измените се наведени Оливер Спасовски како министер во МВР и Митко Чавков, кој е наведен како дополнителен заменик-министер, бидејќи предлог измените се подготвени од Владата и доставени до Собранието на почетокот на април.