Донесени измените на законите за основно и средно образование во Собрание

На само дваесетина дена од најавениот штрајк во образование, денеска по скратена постапка Собранието ја усвои измената на законите за основно и средно образование. Меѓу усвоените измени се најде и спорната одредба со која во случаите кога наставниците и професорите штрајкуваат, тие ќе треба да бидат заменети со други привремено вработени наставници за да не се прекинува наставата.

sobranie

Оваа измена се наоѓа во член 3 од одредбата каде директорот е тој што треба да обезбеди услови за да не дојде прекин на образовниот процес со претходна согласност од градоначалникот, а за државните училишта од самиот министер. Според министерот за образование Абдулаќим Адеми измените се усогласени со Законот за работни односи.

„Со закон и со Уставот на РМ правото на штрајк се гарантира и ова право не се суспендира во ниеден случај со оваа одредба но, исто така, треба да се нагласи дека воспитно-образовниот процес е општествен јавен интерес, според законите за основно и за средно образование е облигативен и со ова се создава предуслов за континуитет. Синдикалните организации, посебно Синдикатот за образование, наука и спорт за нас остануваат партнери и преку дијалогот можеме да ги решиме сите дилеми и барања од нивна страна, секогаш во функција на подигнување на квалитетот на воспитно образовниот процес“, истакна Адеми во Собранието, а пренесе МИА.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ подвлекоа дека наставниците нема да се бркаат од работа и нема да се ограничува времето на штрајкот. Според нив, образованието е од јавен интерес, а наставата има програмски содржини кои се реализираат во точни рокови и ако нема настава ќе се комплицира и работниот однос на родителите зашто децата нема да бидат згрижени, посебно тие во целодневна настава.

Наспроти ова, силна реакција по усвојување на измените стигна од опозициската партија СДСМ кои ваквата одлука ја нарекоа „паничен обид на власта да се заштити од можен штрајк на просветните работници“. Од СДСМ сметаат дека со ова е прекршено правото на штрајк кое го гарантира член 38 во Уставот и директно се прекршени работнички права.

Собранието ги усвои и другите измени како одредбата од 2016 година учениците во основно и во средно да имаат една лектира заедно со ЦД на изворен англиски јазик и за формирање училишни спортски клубови во училиштата кои може да ги основаат најмалку пет вработени. Новина во измените е и негативната оценка, единицата, која влегува во свидетелствата како регуларна оценка за екстерно тестирање, како и дефинирање на казните и наградите за наставниците согласно резултатите од екстерното.