„Судот препозна. Собранието на потег. Измени сега. Шанса за независните“, соопштуваат од Шанса за Центар, откако Уставниот суд ја препозна нееднаквоста во процентот на потписи потребни за кандидирање на независните листи.
„Сега е на потег Собранието!“, дополнуваат од таму, посочувајќи дека Собранието „во најскоро можно време треба да пристапи и да ја пополни оваа правна празнина“, како што пресече Уставниот суд.
Тие бараат Собранието да не заборави да ги консултира и независните при формулирањето на одредбите кои најдиректно ги засегаат, да се постави услов од најмногу 50 собрани потписи за независните кандидати, како и да се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, како во европските земји.
Исто така, да се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена, да се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче, а не како досега само името на носителот, да се дозволи пристап и на независните до избирачкиот список и да се промени одлуката за пристап до медиумскиот простор и финансирање на кампања.
Граѓанската иницијатива бара и овие измени да се направат веднаш, по скратена постапка, како што минатата година беа направени измените за блокирање на независните кандидати.
Во спротивно, тие го цитираат судијата Костадиновски: „Евентуалното непостапување на законодавецот би значело дополнителна повреда и дополнително стеснување на основните слободи и права на човекот и на граѓанинот и тешка повреди на политичкиот плурализам, сите темелни вредности на нашиот правен поредок“, кој нагласил дека „во овој момент нема правно правило по кои услови независните кандидати ќе учествуваат на изборите“.