Собрани 16,6 милиони денари за настраданите во земјотресот во Албанија

Вкупно 16,6 милиони денари се собрани од граѓанските организации, поединци и фирми кои донираа за настраданите од земјотресот што во ноември го погоди Драч во Албанија. Ова денеска го соопшти генералниот секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија, Саит Саити.

Од вкупната сума, 13,2 милиони денари се пари добиени од донации на македонски компании. Преку телефонските оператори се собрале 2,67 милиони денари, а од граѓаните 238 илјади денари, додека од општински организации биле дадени 444 илјади денари.

Хуманитарната акција официјално заврши на 31 декември, но како што посочи Саити, Црвениот крст останува отворен и за понатаму да нуди помош. Тој појасни дека средствата кои се собрани ќе бидат префрлени до Црвениот крст на Албанија во петок.

На оваа сума, најави Саити, ќе бидат додадени уште три милиони средства, донирани од МЕПСО и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Но, тие чекаат одобрување од Министерството за правда за да може да ги донираат овие средства.

На прес-конференцијата учествуваа и заменик-градоначалникот на Град Скопје Енвер Малиќи и градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, кои им се заблагодарија на компаниите, школите и граѓаните за хуманоста.

Во земјотресот со јачина од 6,4 степени почина дури 51 лице.

Прес конференција

Posted by Црвен крст на Република Северна Македонија on Wednesday, 15 January 2020