Собири низ Франција за слобода на говорот по убиството на наставник

Илјадници граѓани одржаа собири низ Франција во чест на Самуел Пати, наставникот кој беше обезглавен по покажување на карикатури од пророкот Мухамед на неговите ученици.

На централниот собир во Париз преку едноминутен молк граѓаните оддадоа почит на наставникот, по што беше пуштена и француската химна, додека најголемиот дел од присутните носеа маски за да се заштитат од коронавирусот.

Луѓето собрани на плоштадот „Република“ извикуваа „Je suis enseignant“ (Јас сум наставник), додека премиерот Жан Касте изјави: „Ние сме Франција!“.

Меѓу присутните можеа да се забележат транспаренти како „Нулта толеранција за непријателите на Републиката“, „Јас сум професор. Мислам на тебе Самуел“ и „Нема да ја обезглават Републиката“.

Полицијата го уби човекот кој го обезглави наставникот Пати во близина на неговото училиште во близина на Париз. Вкупно 11 луѓе се уапсени како дел од истрагата за нападот.

Претседателот Емануел Макрон изјави дека нападот ги има сите обележја на исламистички терористички напад и дека наставникот бил убиен поради тоа што предавал слобода на изразување.

Убиството доаѓа додека во тек е судскиот процес за нападот во 2015 година врз сатиричниот магазин Шарли Ебдо по нивното објавување на карикатурата од пророкот Мухамед.