„Собирачи на пепел“ на Давор Стојановски е Роман на годината за 2016 на Утрински весник

„Собирачи на пепел“ на Давор Стојановски, во издаваштво на „Или – или“ е добитникот на наградата „Роман на годината“ за 2016 на „Утрински весник“ . Романот бил избран со мнозинство гласови, соопшти жири комисијата на прес-конференција денес во „Јавна соба“. Според нив, романот „претставува книжевно остварување кое се издвојува според својот особен стил, дело кое е изведено во духот на едно ново писмо“.

„Романот обработува веќе познати егзистенцијалистички теми како што се чувството на осаменост, стравот од блискоста, проблематичниот топос на домот како место на припадност, постојаната потрага по среќата и смислата. Стојановски одлично владее со приказната, тој е ненаметлив и непретенциозен во пишувањето, а структурата на неговиот текст е цврста, што придонесува романот да биде и содржински и композициски убедлив. Но сепак, раскажувачката умешност на Стојановски доаѓа во полн израз преку начинот на кој е изграден ликот на Јаков, централна фигура во романот кој го преобразува типичниот егзитенцијалистички лик во анти-херој на постмодерните времиња. Осаменоста и невозможноста за поставување суштински блиски релации со другите се и неизбежно одредени од средината во која се одвива дејството. Стојановски прецизно ја доловува урбаната зачмаеност на Скопје кое се претвара во своевиден симулатор на половичните одлуки кои го водат Јаков. На тој начин, и Градот се трансформира во еден од ликовите во овој постмодерен егизстенцијалистички роман“, стои меѓу другото во образложението на жири комисијата.

Во конкуренција за осумнаесеттата по ред награда на „Утрински весник“ беа 28 дела, од кои во најтесниот избор влегоа и романите: „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“, на Игор Станојоски, во издание на „Или-или“ и „Јас и Лин, отпосле“ на Ана Стојаноска, во издание на Културната установа „Блесок“.

Жири-комисијата ја сочинуваа: Петар Андоновски (претседател) и членовите: Маја Бојаџиевска, професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Нове Цветаноски, публицист, литературен критичар и издавач, писателката Гордана Михаилова-Бошнакоска и Катерина Богоева, уредничка на Културната редакција на „Утрински весник“.

Давор Стојановски е писател, поет, преведувач и музичар. Магистрира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а делата му се застапени во домашни и странски антологии. Неговиот дебитански роман „Ненасловена месечева соната“, беше исто така во потесниот круг за наградата „Роман на годината“ за 2013 година.

Романот „Собирачи на пепел“ ќе биде промовиран денес, во Галеријата на МКЦ, со почеток од 20 часот. Книгата ќе ја претстави поетот, преведувач и критичар, Душко Крстевски низ разговор со авторот.