„О2 Коалиција за чист воздух“, утре повикува на самоорганизирање на граѓаните во борбата против загадениот воздух, саркастично карактеризирајќи го како „спонтан собир“. Собирот е најавен во 12 часот напладне пред „Школка“ во Градскиот парк во Скопје.
“Загадениот воздух нè засега сите. Затоа „О2 Коалиција“ ве охрабрува да се приклучите кон иницијативата и заеднички да се избориме за да го добиеме тоа што ни е загарантирано со Устав, а тоа е здрава и чиста животна средина. Земете ги со вас и дечињата и милениците зашто сите ние подеднакво сакаме да бидеме здрави и среќни “, стои во повикот.
Од иницијативата најавуваат дека на собирот ќе се зборува за граѓанскиот активизам, за последиците од загадениот воздух, предвидено е детско катче за најмладите, а за крај ќе биде спроведена и заедничка акција за чистење на паркот.
„22 април е Ден на Планетата Земја, а во Македонија веќе одамна не се посветува речиси никакво внимание на животната средина. Според последните податоци:
„Најголем еколошки стресор/хазард во Скопје е аерозагадувањето. Тоа, иако има јасни сезонски варијации, дополнително се влошува во услови на климатски промени.
При процена на оптовареност со заболувања предизвикани од високи концентрации на PM2,5, според пресметките на Институтот за јавно здравје, во услови на просечни годишни концентрации од 48,4 μg/m3 PM2,5 во 2012 година се изгубени 4.174 години живот кај граѓаните на Скопје (82/10,000 жители), како резултат на смртност од рак на белите дробови“, додаваат од иницијативата цитирајќи ја „Стратегијата за климатски промени на Градот Скопје.
Како што информираат организаторите, собирот е поддржан и од Здружението за заштита на животни и животна средина „Е.Д.Е.Н.“ и Првата детска амбасада „МЕЃАШИ“.
„О2 Коалицијата за чист воздух“ е граѓанска и непартиска. Нивната мисија е преку сите форми на граѓански активизам да обезбедат чист воздух во согласност со домашни и меѓународни стандарди на целата територија на Република Македонија во текот на сите 365 дена во годината.