Собир вечерва на Архитектонски факултет, ќе се дискутира за студентски референдум

На крајот на овој месец, Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ треба да одлучи за формата на студентското организрање по контроверзните избори на Студентскиот парламент кои се одржаа во јуни. Со цел студентите да се изјаснат за тоа какво претставничко тело сакаат да имаат, Студентски пленум вечерва организира собир на кој ќе се дискутира токму за идејата за референдум. Собирот ќе започне во 20 часот пред Архитектонскиот факултет и е отворен за сите заинтересирани студенти.

„Веќе со години студентското претставничко тело е киднапирано од надворешна невладина организација, избрана на недемократски начин, која работи криминално во името на сите студенти“, се вели во поканата за собирот.

Според Деа Здравковска од Студентски пленум, референдумот би бил повеќе симболичен, односно да покаже дека одлуките кои ги засегаат студентите, не треба да ги донесуваат професорите, туку директно тие. Таа се надева дека на вечерашниот собир ќе присуствуваат и студенти од помладите генерации.

„Идејата е да се покаже како треба да изгледаат едни студентски избори и зошто студентите треба да излезат да гласаат“, рече Здравковска.

Студенту, дали телото кое те претставува, во рамките на универзитетот, да продолжи да биде невладина организација? – гласи прашањето за референдумот.

По изборите за нов претседател на СПУКМ, Ректоратот формираше две комисии, од кои едната имаше задача да ги разгледа условите во кои се одвивале изборите, додека другата требаше да работи на менување на Статутот на УКИМ во делот со студентското организирање. И двете комисии требаше да понудат некакво решение до 15 септември, кога на функција стапи новиот ректор Никола Јанкуловски, но тие се уште не ја соопштиле нивната одлука.