Собир пред платото на УКИМ за една година Студентски пленум

„Токму на овој датум пред една година беше првата студентска средба на која стотина студенти јасно и гласно кажаа „НЕ“ на најавениот Закон за високо образование. Истиот тој закон беше изгласан преку ноќ, но успеавме на крајот да го одложиме. Би сакале да ги потсетиме нашите колеги дека секој студент има право да учествува во создавањето на политики кои го уредуваат неговото студирање. Веќе не смееме да бидеме пасивни!“стои во повикот на Студентски пленум за собирот пред платото на УКИМ, на 22 октомври, за одбележување на една година од почетокот на студентското движење.

Студентскиот пленум, како што се појаснува во повикот, е независно студентско движење чие формирање е одговор на долгогодишното игнорирање на студентските проблеми, создадено со цел да ја започне  борбата за студентските права и давање глас на секој студент.

„Студентскиот пленум е неформална организација во чие јадро се борбата за студентските права и транспарентноста, што нè разликува од пасивноста на Парламентот. Идејата на пленумот е да има хоризонтална наместо хиерархиска структура, што значи да нема лидери, односно не постои никаков авторитет на поединец или група поединци над другите. Иако студентите се организираат во интерни пленуми за полесно комуницирање и адресирање на локалните проблеми, сепак, основна единка во пленумот претставуваат студентите.
Законот за високо образование беше изгласан преку ноќ, но успеавме да го одложиме. Би сакале да ги потсетиме нашите колеги дека секој студент има право да учествува во создавањето на политики кои го уредуваат неговото студирање. Веќе не смееме да бидеме пасивни!

Штета е што политичките лидери не можеа преку ноќ да изгласаат и дека ќе ги средат руинираните студентски домови во кои живеат нашите колеги. Штета е што истите тие изгласаа дека е поважно палмите да имаат тушеви отколку студентите. Штета е што студентскиот стандард е мизерен, а истовремено милиони денари се инвестираат во споменици, тркала и бродови кои не пловат…

Епа колеги, доста беше! Време е да се бориме за нашите права. Партизираниот Студентски парламент сигурно нема да го стори тоа за нас. Придружете ни се на еден од наредните Генерални пленуми, или пак приклучете се во некој интерен пленум од факултетите! Ве повикуваме повторно да го омасовиме студентскиот пленум и заедно да се бориме за нашите студентски права! Дојдете и приклучете се!“, се додава во повикот.

Собирот е закажан во 19 часот.