Собир на 15 март пред Влада: Македонија се приклучува на Глобалниот климатски протест

По повикот на движењето „Global Strike for Future“, на 15 март (петок) и Македонија ќе биде дел од најавените 40 земји од повеќе континенти кои ќе се приклучат на Глобалниот климатски протест.

Собирот во Скопје е најавен од 12 часот пред Владата под мотото „Каков свет ќе ни оставите?“.

Истовремено со врсници во светот, поврзани преку младинската иницијатива Fridays For Future, демонстрантите најавуваат дека ќе ги напуштат школските часови за да им порачааат „на сите оние локални здруженија, партии, комисии и други бирократи со желба да го седнат ‘газот’ во фотеља и да лапнат дел од финансискиот колач, дека работат за нас, децата, на кои светот – или она што ќе остане од него – ни останува“.

„Соочени со целосната инертност и безидејност на нашата влада во однос на зaгадувањето, многумина од младите размислуваат едноставно да се отселат од оваа земја некаде каде што воздухот не е загаден до степен на канцер и каде што во почвата не циркулира преработениот токсичен отпад од депониите без никаква контрола. Но, тоа не е излез! Во следните децении, нашиот проблем ќе стане проблем насекаде, затоа што незаинтересираноста на оние кои имаат моќ за било што друго освен зголемување на нивната моќ постои насекаде, не само во Македонија Токму затоа што нема кај да се бега и затоа што катастрофата мора да се спречи заеднички и истовремено, секој во својата најблиска средина, со овој повик организираме протест пред Владата во Скопје, во кој главниот збор ќе го имаат младите!“, стои во повикот за протестот на 15 март, кој се шири преку социјалните мрежи.

Оттука, демонстрантите бараат итни и ригорозни мерки, а не, како што велат, плукни-залепи и мачкање очи со кои се удира по џебот на најслабите.

Исто така, бараат максимални казни за најголемите загадувачи – индустриските олигарси, и затварање на нивните погони ако продолжат со смртоносните активности.

„Бараме контрола на преработката на отпадот во депониите и негово безбедно складирање, а не заштедување на трошоците за истото со цел поголем профит! Бараме воведување на сеопфатна еколошка транспортна инфраструктура, а не дузина електрични тротинети! За крај, бараме од нашите родители, роднини, професори, пријатели, да се придружат во нашиот протест и да ги поддржат нашите барања“, се вели во повикот за протестот на 15 март.

Поддршка за оваа иницијатива веќе дадоа активистите на Еко-свест, Движење за чист воздух, Еко Герила, Канцерогено општество, Средношколски Глас…

„Ова е наша борба, но не можеме да ја водиме сами! Ваша е одлуката каков свет ќе ни оставите! #ВоБорба за животната средина, #ВоБорба за иднината!“, стои во повикот.

Инаку, глобалниот повик на движењето „Global Strike for Future“ може да го прочитате ТУКА.