Со живеењето во еко куќа го менуваш начинот на живот – македонски примери се спротивставуваат на скептицизмот

Еколошката куќа не е само живеалиште, туку и начин на живот. Покрај неа, луѓето учат како да опстојат заедно со животната средина, наместо да создаваат дополнителна штета во и онака загадената држава. Принципот „еко куќа“ е сè уште нов за македонските граѓани и нема доволно познавања. Но, наспроти скептицизмот кој владее, во државата постојат примери на луѓе кои го направиле првиот чекор и докажале дека таа може да биде исплатлива. Во продолжение, прочитајте за две такви приказни:

На стотина метри од железничката станица „Тополка“, во близина на велешко Долно Оризари ќе наидете на оваа куќа во форма на купола. Нејзиниот сопственик Димче Ацков работи на неа веќе шест месеци, сам и без механизација, користејќи единствено природни материјали.

Со ваквата градба („earthship“) првпат се сретнал пред шест години кога присуствувал на работилница каде се граделе куќи од земја и слама. Вели, едноставно е да се направи, а воопшто не загадува.

„Претходно сум се чудел, како може земја да стои, зар нема да падне“, се пошегува тој. „На интернет почнав да истражувам, каде најдов дека ирански архитект гради куќи од вреќи“, раскажува Ацков.

Досега направил и започнал да работи на повеќе вакви куќи. Карактеристично за нив е тоа што немаат класичен кров, а формата им е изобличена. Направени се така што ѕидот е составен од вреќи кои се редат една врз друга, а помеѓу е поставена бодликава жица за да ја држи градбата.

„Кај нас владее некој песимизам и однапред ќе те разубедат. Но, кога ќе направиш еколошка куќа тоа е промена и во начинот на живот. Таа не е само живеалиштето. Целата насока ја менуваш за тоа како гледаш на работите“, верува Ацков.

„Јас се одлучив бидејќи видов каде живееме. Сакав да дадам пример, бидејќи сите велат ова треба, она треба…и јас цело време пробував така, со таков активизам. Пример, пишував на Фејсбук, објавував за екологија. Па, видов дека нема ефект и на крај си дојдов на дедовината и си реков ‘дај ќе пробам да дадам пример“, вели младиот велешанец.

Во дворот на Ацков има повеќе поголеми или помали куќички кои му служат за разни потреби

Неговата куќа во Долно Оризари ја посетиле и и’ се восхитувале многумина, сепак мал дел од нив реално направиле некаква промена.

„Стотици луѓе ми имаат кажано дека и тие сакаат да направат нешто вакво, но не се одлучиле на тој чекор. А јас, пак, бев малку поупорен можеби, па затоа и тргнав еден чекор понапред“, смета Ацков.

Тој не познава некој што изработува вакви куќи на Балканот. Досега самиот има направено во неколку македонски села, но и во Србија, каде вели дека свеста и интересот за еко градби се поголеми, дотолку што веќе постојат цели еко кампови.

„Оваа средина е без стрес. Кога ќе ја фатиш земјата и ќе ја измешаш меѓу прсти други видици ти се отвораат. Мислам дека до земјата е.“

Планира во иднина на целиот простор да изгради дваесетина куќички за младите да може да ги посетат и да видат дека може да се престојува и во нив.

Старите македонски куќи, вели Ацков, се пример за еколошки куќи, но смета дека е потребна стратегија за тие да оживеат. Предлага да им се дадат на ентузијасти како него за да ги реставрираат.

„Дај ми стара куќа како што ја правеле порано, јас ќе ја реставрирам бесплатно“, предлага тој.

Лани одржал и работилница за градба на ваква куќа, а летово планира да го направи тоа повторно, така што ќе се работи и на „хобит куќа“.

Но, неговата лична желба е да стане целосно самоодржлив. „Кога ќе почнеш, ти доаѓаат идеи“, вели Ацков.

„Мислам дека проблемот поради кој луѓето не се одлучуваат да го направат првиот чекор е бидејќи ја немаат почетната инвестиција. За да почнеш да градиш, да бидеш самоодржлив ти требаат пари. Не многу, ама за од негде да почнеш. Јас би ги посоветувал сите кои имаат дедовина, да ја насочат својата енергија натаму. Да почнат со мала бавча, после работа на саат два, да пробаат да насадат нешто. Да почувствуваат како е тоа, па од таму ќе видат каде ќе ги однесе тоа. Само нека го направат тој прв чекор. Нека испаднат од градот“, предлага Ацков.

Во ова време, вели тој, сите треба да размислуваме еколошки, бидејќи веќе немаме друг избор.

Урсула Хорнер и Васко Лисичов се луѓе од уметноста. Таа е режисер, а тој е задолжен за дизајн на светло во Македонската опера и балет. Нивниот пат кон создавање еколошка куќа почнал со еден обичен, наивен разговор. Долгогодишниот сон да живеат во еко куќа почнале да го остваруваат пред четири години во скопско Радишани. Низ целиот тој процес, тие постојано учеле нови работи, претежно преку интернет, иако Урсула, која е по потекло од Австрија, веќе имала солидно познавање за овој вид на живеалишта.

„Можеби и јас би имал некакво познавање кога тоа би било присутно во нашето секојдневие. Но, никој не зборува за тоа, никој не внимава на тоа“, вели Лисичов.

Тој се радува што луѓето полека почнуваат да сфаќаат дека расипничкото користење на енергијата е скапо.

„Внимававме сè што ни беше предложено да се држи до обновливите извори на енергија. Одеднаш се појави нешто ново за мене – енергетска ефикасност на куќата. Што е тоа? Што значи?“, се сеќава Лисичов.

Нивен најголем проблем од самиот почеток бил како да се обезбеди топла вода и греење во текот на зимските денови. Па така, нивниот систем функционира на тој начин што количината на топла вода во исто време служи за затоплување на куќата, но и за санитарни потреби.

„Нашите извори за топла вода се – соларни панели кои се предимензионирани за летно време, но сосема доволни и за зимно. Поставивме три соларни панели, од кои практично еден е доволен за летно време, а другите два ги исклучуваме. Во зима, ги вклучуваме сите три, сметајќи на нивната минимална вредност која ја даваат зимно време, а тоа е 30 отсто од нивната максимална вредност. Така што, добиваме сосема пристоен процент на тoпла вода во баферот. Тоа е котел од 600 литри од каде се задоволени сите наши потреби за топла вода“, објаснува Лисичов.

За загревање на домот користат специјална печка на дрва која целосно го согорува дрвото и не испушта штетни гасови во воздухот, заедно со подно греење.

Цевката која ја поврзува нивната печка на дрва со остатокот од системот за греење

Во однос на градбата, користеле цигли со четири воздушни канали, наместо со три. Однадвор поставиле изолација од 10 центиметри стиропор. Кровот, кој е исто така важен елемент, севкупно е дебел речиси половина метар, така што 20 центриметри е дебела само бетонската плоча, ауште 10 центриметри воздух се оставени за стаклена волна и уште толку за простор за таа да дише.

Целата инвестиција за системот за затоплување, вели Лисичов, ги чинела 7200 евра. Со овие средства тие ги обезбедиле системот за греење и целата водоводна инсталација во куќата. Придобивката е огромна, смета тој.

„Можам да ви кажам дека сум многу среќен. Затоа што тоа беше наша заедничка замисла со Урсула, која функционира. Радоста е огромна. Да не кажам дека сметките се паднати. Порано ни стигнуваа и до 15.000 денари на месец во зима, а сега плаќаме некои 700 денари месечно низ целата година. Ако зборуваме за враќање на инвестицијата, можам слободно да кажам дека после оваа четврта година, пола од инвестицијата ни е вратена, во смисла на помали сметки за струја“, уверува Лисичов.

И тој се согласува со Ацков дека проблемот е во почетниот момент, во инвестицијата.

„Ако си се одлучил да го направиш тоа, сите тие пресметки кои јас ги направив, парите ќе се вратат. Ако не ги дадеш на почетокот, тогаш ќе ги дадеш покасно, но понатамошниот живот станува многу поедноставен“, истакна Лисичов.

Лисичов во својот двор направил и природен базен, трудејќи се да направи средина слична на езеро

Нивната куќа моментално има потрошувачка од 60 киловати по метар квадратен годишно. Но, нивните планови не запираат овде. Тие сега сакаат да инвестираат во ветерна турбина за производство на електрична енергија.

„Не е класична турбина со перки, туку цилиндрична направа кој се поставува на висина од 4-6 метри за која не е битен правецот на ветерот, а почетниот момент на производство на енергија е многу помал, тоа е 0,3 метри во секунда. Таа инвестиција претпоставуваме дека би не чинела целосно до 7.000 евра. Со тоа ние целосно ќе станеме независни од ова што се случува околу нас. Ние би имале постојан дотур на електрична енергија“, вели Лисичов.

Од самиот почеток на ова патешествие решиле сами да ја започнат промената низ личен пример. Изградбата на куќата била само почеток во целиот пресврт. Таа ги поттикнала да напуштат многу лоши навики од претходниот начин на живот, а при тоа и се забавувале.

„Ние со Урсула индивидуално одлучивме: ‘еј, ајде да пробаме да живееме без пластика’. Мислам дека во првите три месеци во нашите продавници бевме прогласени за луди’. Ама зошто не земаш кеса, таа е без пари’. Не сакам да земам кеса. Значи, луѓе, ќе го носам во рака, ќе си донесам своја платнена торбичка и јас ќе пробам да живеам без најлон кеси. Не купуваме сок во пластични шишиња, туку сами си правиме дома. Нашиот сапун чини 500 денари. Во продавници го има и по 20 денари. Да, но нашиот трае подолго и што е најважно од сè, не загадува. Дури и прашокот за перење алишта ни е еколошки“, појаснува Лисичов.

Емилија Петреска