Со трибина во Институтот за македонска литература и поетски слем се одбележуваат 40 години од хип-хопот

Во Институтот за македонска литература денеска од 11 часот се одржува трибината насловена: „Хип хоп култура (40 години уметнички перформанс)“, а поводот е  40-годишнината од првата хип-хоп песна „Раперс дилајт“ изведена од групата „Д’Шугархил Генг“.

„Хип-хопот како глобален тренд и популарна култура е присутен во највисоките академски средини. Во нашата земја се одржани повеќе предавања, трибини и дебати од неформалната организација Хип-хоп Македонија. Со оваа трибина, Институтот за македонска литература ја вклучува нашата Република во редот на земјите каде што хип-хоп културата се изучува на највисоко академско ниво, обработувајќи најразлични аспекти: поврзаноста со религијата, социологијата, филозофијата, политиката, револуцијата, моралот и етиката, феминизмот и родот итн“, соопшти Институтот.

На трибината ќе учестуваат Маја Јакимовска-Тошиќ, Антоанела Петковска, Славчо Ковилоски, Ристо Солунчев, Дејан Методијески, Вангел Ноневски и Александар Ковилоски. Гости ќе бидат македонски хип-хопери од различни генерации, кои по завршувањето на трибината ќе може да учествуваат во планирана дискусија.

Вториот настан ќе се одржи на 14 мај (вторник) во 19 часот во Дом на градежници (сутерен) каде ќе се чита македонски хип-хоп поетски слем.

На него ќе учествуваат С.А.М. (Никола Трпески), Мартикс (Мартин Милев), Кацар (Александар Кацарски), Нешо (Ненад Ставровски), Браќа по крв (Александар и Славчо Ковилоски), Елена Пренџова, Александар Прокопиев, Марија Грубор, Цвета Колева и се остава простор за уште некој (заинтересираните можат своето учество да го најават пред почетокот на слемот).

Влезот за двата настани е бесплатен.