Со топла вода против одливот на мозоци

Владата изрази оптимизам дека изнесените стратешки мерки за подобрување на условите на младите во иднина можат да доведат и до прилив на мозоци.

Премиерот на Македонската Република, на денешната прес-конференција оддржана во Владата, во присуство на сите членовите на кабинетот, пред јавноста го изнесе новиот пакет мерки со кој ќе се спречи одливот на мозоци од земјава. Станува збор за низа мерки, кои ќе влијаат врз младите да донесат цврста одлука да ја градат својата иднина во татковината:

„Одлучивме да направиме сè да им овозможиме на младите во земјава да се чуствуваат на исто рамниште како младите во развиените земји. За почеток, ќе отвориме бесплатни играчници за Плејстејшн 3, ќе организираме бесплатно возење во новите најмодерни полициски возила Шкода Јети, а работиме и на обезбедување на дојави за наместени натпревари за во обложувалниците.“ – изјави во оваа пригода Претседателот на Владата.

Голем дел од најавените мерки ќе се однесува на студентите како група, најпогодена од феноменот на одлевање мозоци. Меѓу другото, најавено беше воведување топла вода во студентските домови и бесплатни весници за облепување на прозорите, како и ексклузивна можност роднините од прво колено кои студираат на државните факултети да користат исти учебници доклку се запишани на истиот факултет. Секој студент, пак, со просек над 7,20 веднаш по дипломирањето ќе добие сопствен интернет портал со готови вести.

Премиерот најави дека Владата е одлучна да се справи и со најупорните случаи:

„За оние кои се црвсто решени да заминат, подготвивме актерска група, која ќе биде ангажирана на граничните премини. Нивна задача ќе биде во моментот на појавување на лицето што има намера да ја напушти државава, да глумат граѓани од земјата во која лицето има намера да патува, кои неаздоволни од условите во сопствената земја доаѓаат во Македонија. Координатор на овој проект ќе биде Дејан Пилиќ, и очекуваме ова да ги предомисли и најупорните.“ – појасни тој.

На самиот крај на прес-конференцијата, понесен од реакциите на воодушевување меѓу присутните, Премиерот откри вистинска ексклузива поврзана со најавениот проект –

„Ова можеби не требаше сè уште да го откријам, но работиме на тоа да обезбедиме македонско државјанство за Шакира, која како што сите добро знаеме има македонско потекло, со што ќе може да учествува на Макфест, Скопскиот Фестивал, па зошто да не и на Изборот за песна за Евровизија. Не би ме чудело ако за некоја година регистрираме, не само запирање на процесот на одлив на мозоци, туку и спротивен процес – прилив на мозоци.“ – додаде Премиерот.

Веднаш по завршувањето на прес-конференцијата, стигнаа и првите реакции. Опозицијата на посебна прес-конференција ја обвини Владата дека шири популизам и се пофали дека во време кога тие биле на власт проблем со одлевање на мозоци воопшто и не постоел, бидејќи самата појава била сосечена во корен, уште на универзитетите. На социјалните мрежи пак, младите со доза на хумор ја коментираа оваа иницијатива на Владата, па можеа да се прочитаат статуси и твитови од типот „Бесплатно вдомувам две Швеѓанки“ и „Пржино – Мали Париз“, а масовно беше споделувана и песната „Don`t cry for me Argentina”.

Во анкетата што ја направивме меѓу граѓаните, најчестиот коментар на прашањето „Што мислите за Владините мерки против одлевање на мозоци?“ кој го добивме беше „Одлевање на што?“.

#кромид022