Годинашното „Скопско лето“ завршува вечерва со концертот „Сувенири од музички патувања“ на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија (МММ), под диригентство на Елена Митревска, вечерва во Сули Ан.
На програмата се дела од Едуард Толдра, Јоханес Брамс, Бела Барток и Петар Илич Чајковски. Камерниот оркестар на МММ постои 29 години и е основан како прв сегмент на летниот музички камп на МММ во Охрид 1986 година. Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа и е составен од студенти на ФМУ Скопје, но и од гости и млади музичари од други земји. Досега дел од него биле над 300 млади музичари.
Оркестарот има реализирано повеќе од 100 концерти, а добитник е на бројни национални награди и признанија. Покрај класичниот репертоар, има изведувано дела од современи, како и од македонски автори. Веќе 28 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните години и на „ Скопско лето“ и „Битолско лето“.
Манифестацијата „Скопско лето 2015“ оваа година почна на 20-ти јуни со премиерната балетска претстава „Заспани убавици“ и изложбата „Просторна екстензија на уметноста“ по повод 25 години Галичка ликовна колонија. Во изминатите 40 дена понуди програма со 26 отворени сцени во градот.