20-тото издание на Скопје филм фестивал вечерва свечено ќе биде отворено со филмот „Реквием за госпоѓа Ј.“ во киното „Милениум“ со почеток во 20 часот. На премиерата присутни ќе бидат Мирјана Карановиќ, која ја игра главната улога и режисерот Бојан Вулетиќ, како и дел од македонската екипа на филмот.
Во филмот се обработува актуелна, универзална тема што произлегува од севкупната материјална и мотивна криза која владее во светот, а најмногу во сиромашните земји. Приказната ги следи животите на четири жени кои припаѓаат на повеќе различни генерации: мајка, нејзините две ќерки и свекрва.
До сега, филмот се прикажа на 67-то издание на Берлинале, на ФЕСТ Белград каде освои награда за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра женска улога, а на 21.Интернационален филмски фестивал во Софија ја освои наградата ФИПРЕСЦИ што ја доделува Интернационалната федерација на филмски критичари.
Програмата на Скопје филм фестивал утре ќе продолжи со премиерата на новата македонска комедија „Ах љубов моја“,во режија и по сценарио на Коле Ангеловски. Проекција ќе се одржи во киното Милениум, во 20,30 часот, а ќе присуствува и филмската екипа. Утре во 19:30 часот во Кинотеката на Македонија почнува и новата детска програма „Креираме заедно“, релизирана како партнерство со Здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината птица“ од Скопје.
Годинава, преку програмата „Креираме заедно“, за прв пат во конципирањето на фестивалската програма ги вклучува и учениците со и без попреченост од осум инклузивни училишта од Скопје, Тетово и Струмица.