Со протест пред Обвинителство се бара ослободување на активистката Ристеска и легализација на канабисот

Група граѓани денеска напладне се собраа пред Јавното обвинителство за да и дадат поддршка и да побараат укинување на притворот за Моника Ристеска, активистката за легализација на канабисот за лична употреба во Македонија.

Како што истакна Јанаки Митровски, дел од здружението „Билка“, никој не треба да биде во притвор за поседување наркотици, посебно кога се работи за канабис.

„Сметам дека дека одлуката на Основен суд Скопје 1 е плод на една ригидна политика која ја водат органите на прогонот кон уживателите на канабис, и сметам дека е недопустливо, кога државата дозволува мултимилионски бизнис на правни ентитети да можат тоа да го прават легално, уживателите и оние граѓани кои се оставени сами на себе да произведуваат масло од канабис за себе или за блиски болни да бидат гонети како да се криминалци“, изјави Митревски.

Тој потсети дека од „Билка“ веќе работат на законски измени околку канабисот. Укажува дека е нелогично и неисплатливо да се криминализираат уживателите на канабис, а државата да инвестира големи средства за ситен криминал.

„За илустрација, за да направите вештачење на една цигара со канабис, која може да има пола грам канабис, тоа ја чини државата, го чини МВР пари, се ангажира судија… Целиот прогон чини пари, а кои се резултатите од тоа?, прашува адвокатот кој најави жалба до Кривичен совет со барање притворот на Ристеска да се замени со друга, полесна мерка.

Во меѓувреме и владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција соопшти дека одлуката за притвор на Ристевска делува престрого.

„Сакаме како Влада да укажеме дека мора да се почитуваат законските прописи и дека Македонија е држава која се темели на владеење на правото. Владата како за сите други прашања, така и за ова е отворена за дискусија со сите заинтересирани страни“, изјави Бошњаковски.

Моника Ристевска доби 30 дена притвор откако во завчерашниот претрес на нејзиниот дом се пронајдени 30 мл. масло од коноп и 15 грама коноп.