Со промоција на преводот од романот „Малечка“ почнува Месецот на франкофонијата

Во Францускиот институт – Скопје вечерва од 18 часот ќе биде промовиран превод од романот  „Малечка“ на младата швајцарска авторка и авантуристка Сара Жислер, кој го објави издавачката куќа „Или-или“.

Со промоцијата, на која ќе присуствува и Жан Фам Тран, претставничка од француската издавачка куќа „Éditions des Équateurs”, ќе почне одбележувањето на Месецот на франкофонијата низ повеќе градови во земјава, во соработка со Амбасадата на Швајцарија.

„Романот „Малечка“ постигна голем меѓународен успех. Се работи за поучно четиво од млада девојка, која гневот го преобразува во одисеја. Нежно и низ хумор, оваа патничка што го обиколи целиот свет, раскажува за маките од детството, за нејзината одбивност кон униформираноста на општество, како и за жедта за слобода, преку која ги надминува сопствените стравови“, соопшти Францускиот институт кој за настанот ќе организира консекутивен превод.

Настаните за годинашното одбележување на Франкофонијата ќе бидат посветени на ликот и делото на швајцарскиот автор Никола Бувие – патописец, фотограф и режисер.

Меѓународната организација на Франкофонијата е основана во 1970 година со цел да го промовира францускиот јазик, културната и јазичната различност, промоција на мирот, демократијата и човековите права, поддршка на образованието, како и развивање на соработката во служба на оддржливиот развој и на солидарноста. Нашата земја членува во оваа организација од 2006 година